Најубавите стајлинзи од предоскаровските забави

23 февруари 2019

Годинашното издание на Оскарите ќе се случи в недела, но изминатиов период се одржаа бројни предоскаровски забави, како најава за тоа дека најдоброто допрва следи.

И додека да се воодушевуваме на црвениот килим и да видиме дали предвидувањата околу тоа кој ќе ги земе престижните награди, во продолжение ви ги презентираме најубавите креации од споменатите предоскаровски забави.

Глен Клос повторно е со моден погодок. Дамата која е во сериозна трка за Оскар за најдобра женска улога, неодамна се појави на манифестацијата „Women in film“ во комплетно бел стајлинг, кој совршено ѝ прилега. Се работи за панталони со широки ногавици со раб на средината, бела кошула и елгантен бел капут до колена со ремен на полвината. Стајлингот е заокружен со бела чанта со текстура и дискретен брош, повторно во бела боја. Чевлите само ѕиркаат, но доволно за да видиме дека се црни. Шик и тренди комбинација на Клос, со која повторно покажува дека можете да бидете тренди во било која декада од животот.

 

И Оливија Кулпо се одлучи за комплетно бел стајлинг. Трендот со женските костуми не се намалува, па Кулпо покажа уште еднаш дека таквиот моден избор може да биде одличен. Таа го комбинира со интересен накит и чанта во тиркизна нијанса. 

 

Рита Ора вниманието го привлече во црна креација со пердуви. Пејачката покажа дека умее одлично да се снајде со вакви волуменозни креации, кои изобилуваат со сексапил, кој сепак е во рамки на вкусното.

 

Анџела Бесет е уште една во низот познати личности што се одлучија за бела боја. Нејзиниот стајлинг се состои од комбинезон, во горниот асиметричен, со плисе, потоа палто и златни чевли со изразен шпиц во горниот дел. 

Кејт Босворт се одлучи за свилена варијанта на популарните женски костими. Во портокалово-бакарна нијанса и совршен накит, актерката изгледа нависитна прекрасно - ненаметливо, а сепак мошне елегантно и тренди.

 

Актерката Џејми Кинг блесна во црно-тегетна комбинација. Миди здолништето ја следи линијата на телото, а во долниот дел има карнери. Половината е истакната со ремен во тегет нијанса, а и блузата која е во асиметричен крој е исто така во слична нијанса. Стајлингот е заокружен со ракавици од тул до лакти и црни елегантни чевли.

 

Нина Добрев покажа пак, дека едноставното со интересен детаљ може да биде и најдобар избор. Светкавите парчиња во пределот на деколтето и грбот го прават овој фустан интересен. Шлицот во задниот дел пак, додава доза сексапил.

 

Зендаја е новото заштитно лице на Ланком. Компанијата организираше предоскаровска забава, на која оваа актерка едноставно блесна. Таа се појави во црвен фустан со огромна панделка, креација на „Alexis Mabille“. Претходно, на официјалното претставување на новата соработка, таа се појави во комбинезон со карнери, креација на „Давид Кома“.

 

На истата забава, ќерката на Брус Вилис, Румер, се појави во креација која совршено ја истакнува линијата на телото и може да биде инспирација, доколку ве очекува некоја свеченост.

 

Лупита Нјонго е непогрешлива во својот моден избор. Овој пат се работи за тесен фустан со должина под колена. Горниот дел е асиметричен, а ракавот всушност е во форма на плисе. Овој единствен детаљ е воедно и највпечатлив и ја прави оваа креација посакувано парче.

 

И Зое Салдана има едноставна, но ефектна комбинација. Црн фустан со дискретни светки и камчиња е нешто што може да биде совршен избор за многу пригоди. Со миди должина и долги ракави, истакната половина, сепак овој фустан привлекува погледи и зрачи со мистериозност и сексапил.

 

Која креација ви се допаѓа најмногу?

Објавено:
23 февруари 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.582 пати