Највпечатливите моменти на Греми наградите

13 февруари 2017

Вчеравечер по 59-ти пат се одржа еден од најпрестижните настани во музичката индустрија, Греми наградите, каде златни грамофони им беа доделени на оние музичари кои ја одбележаа изминатата година.

Адел беше апсолутна ѕвезда на вечерта, која ги освои Греми статуетките во сите пет категории во кои беше номинирана (најдобар албум, најдобра песна, најдобра поп изведба, најдобар поп албум и најдобра снимка), па очекувано еден од најемотивните настапи беше оној кога ја прими наградата за најдобар албум и и го посвети на Бијонсе, која според неа најмногу ја заслужува таа награда. Исто толку емотивен и суштински беше и нејзиниот трибјут за Џорџ Мајкл.

Кога сме кај Бијонсе, сите со нетрпение го очекуваа нејзиниот настап, особено откако неодамна спектакуларно објави за својата втора бременост и ова беше нејзин прв јавен настап после големата вест. Се околу нејзиниот настап може да прочитате на овој линк.

Но, и покрај тоа што медиумите најмногу зборуваат за Адел и Бијонсе, сепак Греми наградите ги одбележаа уште неколку други значајни моменти што му ставија печат на 59-то издание на манифестацијата.

Билборд како највпечатлив настап го издвои трибјутот за Принс на Бруно Марс кој беше речиси идентично стилизиран како легендарниот аутфит што Принс го носеше на омотот на култниот албум „Purple rain".

Невообичаен беше и музичкиот спој на Лејди Гага и Металика, кои имаа заеднички, неверојатно енергичен настап на Moth Into Flame, од новиот албум на култниот метал бенд. Иако имаа технички проблем со микрофонот на Џејмс Хетфилд, сепак комплетната слика за нивниот заеднички настап беше една од највпечатливите на ова издание на Греми наградите.

Постхумно беше награден и музичарот кој на идните генерации им остави непроценливо музичко богатство, Дејвид Боуви и ги освои сите награди во категориите каде беше номиниран.

Еден од омилените артисти од новата генерација, Ед Шеран го изведе својот нов хит „Shape of you", и во неговиот препознатлив, ненаметлив стил, ги освои симпатиите на публиката.

Помеѓу изведувачите што годинава освоија Греми статуетка беа и: Дрејк (за најдобра рап песна и најдобра рап соработка), Twenty One Pilots (за најдобро поп дуо), Chance The Rapper (за најдобар нов изведувач), а комплетната листа на добитници може да ја погледнете на официјалната страна на Греми наградите, на овој линк.

Харизматичниот Џемјс Корден се покажа како одличен домаќин на шоуто кое секако беше зачинето со неговиот препознатлив хумор.

Црвениот килим пак, беше буквален микс на стилови, од неуспешни обиди да се биде што повпечатлив за медиумите, до вистински, комплетен и достоен изглед за една манифестација од ваков ранг.
Токму таква беше и ѕвездата на вечерта, Адел која носеше луксузна Живанши тоалета во нијанси на зелена боја.

А како изгледаа другите на црвениот килим, како и најинтересните моменти на сцена, погледнете во галеријата во продолжение.

Објавено:
13 февруари 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.682 пати