Годинашното, 75-то издание на „Златен глобус“ ќе остане запаметено по многу нешта. Освен говорот на Опра Винфри, која ја доби наградата за животно дело, многу се зборуваше и за дрес-кодот.

Имено, одамна пред одржувањето на манифестацијата беше познато дека сите учеснички (номинирани и презентери) ќе носат црни креации. Организаторите на овој начин сакаа да оддадат почит на жените жртви на сексуално, но и секое друго насилство.

Кон тоа се придружија и машките учесници на „Златен глобус“, а сите оние кои веќе имаа “добитна комбинација“ за црвениот килим, ги известија своите стилисти да ги заменат со други, секако црни. Сите беа согласни дека тоа е најмалку што можат да сторат за нешто толку важно и големо.

Црната секогаш се посочува како сигурен избор, нешто што го бирате кога не знаете што да облечете или кога не знаете како, бидејќи веројатноста да згрешите е минимална.

Но, црвениот килим на „Златен глобус 2018“ ни покажа дека и не е сосема така. Но, тоа не зависи само од стилистот што сте го најмиле и неговата способност и образованост, туку и на тоа како вие го перцепирате настанот или целта на посочениот дрес-код. Додека Ева Лонгорија посочи на тоа дека облеката не треба да биде пред целта и дека со облеката треба да пратиме порака на моќност, но и скромност, Кетрин Зета Џонс која одбра транспарентна креација, изјави дека „Дрес кодот никаде не наложува да не изгледате добро и да не заблескате на црвениот килим“.

Кетрин Зета Џонс

И не е единствената. Во такво смело, па и провокативно издание ги видовме и Кејт Хадсон,Зури Хал, Хали Бери или Шерон Стоун.

На страна од тоа дали креациите се добри или не, се наметнува прашањето, дали транспарентните креации се оправдан избор на настан посветен на сексуално злоставување на жени и нивно третирање како сексуален предмет?

Кејт Хадсон

Од друга страна, дел од актерките одлучија да се „закопчаат до грло“, како Алисија Викандер, Селма Хаек или Елизабет Мос, а дефинитивно долгите ракави доминираа. Во таков тип на креации ги видовме Ева Лонгорија, Мишел Фајвер, Мерил Стрип и многу други.

Ева Лонгорија

Елизабет Мос

Има и такви што се одлучија за панталони, меѓу кои и ѕвездата на серијата „Круна“, Клери Фој, која носеше одело, но и Дебора Месинг, Кристина Хендрикс, Алексис Бледел, Алисон Бри...

Клери Фој

Дебра Месинг

Некои се обидоа да бидат нешто помеѓу, да понудат пристојност со делумна разголеност, притоа прикажувајќи и некои други нијанси на црна - Дакота Џонсон, Дајан Кругер, Џесика Бил, Маргот Роби...

Џесика Бил

Дајан Кругер

Според повеќето светски модни магазини, Анџелина Џоли и Рис Витерспун се едни од оние што најдобро ја сработиле домашната задача. 

Аџелина Џоли

Рис Витерспун

На врвот на страната на оние што комплетно потфрлија се наоѓа актерката Бланка Бланко, која се појави во црвена креација толку провокативна што се граничи со тотален невкус и непочитување на настанот. Но, од друга страна, можеби е поискрена од сите со прописен дрес-код:

„Добивам многу лоши коментари за мојот изглед. Не можам да кажам дека ми е сеедно, но тоа што облеков црвен фустан што го истакнува моето тело, не значи дека не го поддржувам движењето #metoo, или пак дека не сочувствувам со жените жртви. Ја сакам црвената боја, сметам дека мојот тим заврши одлична работа“, изјави Бланка за светските медиуми.

Бланка Бланко

Разновидноста на црниот килим, кој можеби мислевте ќе изгледа еднолично со оглед на темата, покажа кој како го доживува настанот, што става во преден план, како и тоа дека и најсигурните модни избори не се тоа, ако не знаете кога и како да ги носите.

Во галеријата горе ги имате сите црни фустани од црвениот килим, доволно за и самите да направите впечаток за тоа колку темата на вечерта беше успешно реализирана.

Објавено:
9 јануари 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
4.072 пати