Магазинот „Гламур“ неодамна ја одржа манифестацијата „Жени на годината“ и тоа по 23-ти пат.

Секоја година, ова е настан каде на едно место можат да се видат талентирани жени, од различни професии, возраст и раса, кои со јавноста ги споделуваат своите инспиративни приказни.

Секако, големо внимание се обрнува и на тоа како овие жени изгледаат и што носат.

Во тој контекст, вниманието комплетно го „украдоа“, Никол Кидман, која се појави во креација на „Гучи“ и уште еднаш потврди дека е кралица на црвените килими и 62-годишната Иман.

Таа се одлучи за виолетова раскошна тоалета, дизајн на шпанскиот креатор Кристиан Сијан.

Во медиумите се зборуваше и за првото појавување на Серена Вилијамс во јавноста по породувањето, која за оваа пригода се одлучи за краток црн фустан, со златни елементи, со што им порача на сите дека е во одлична форма.

Како изгледаа останатите дами, погледнете во галеријата погоре.

Но, освен модата, она што беше многу поважно е причината поради која токму овие жени се избрани за „Жени на годината“, како и пораката која ја пренесуваат.

Годинава беа наградени 13 жени, а во продолжение прочитајте ги приказните на дел од нив:

Марија Грација Кјури, креативната директорка на „Диор“

-Како прва жена што се најде на оваа позиција во 70-годишната историја на познатиот бренд „Диор“, Кјури остави белег во модниот свет, комбинирајќи го минатото на куќата, со модерното време. Посебно внимание во светската јавност, а и модната индустрија предизвикаа маиците со натпис „Сите треба да бидеме феминисти“ (We Should All Be Feminists).

„Ставањето зборови на маица, нема да го смени светот, но зборовите се важни. Тие можат да бидат почетокот на промената“, рече Шимаманда Нгози Адичи, нигерска писателка, која ѝ ја врачи наградата на дизајнерката, која пак ѝ ја посвети на својата ќерка, порачувајќи ѝ „Биди горда на тоа што си“.

Пеги Витсон – астронаут

Самото тоа што е жена астронаут е доволна причина што се нашла меѓу наградените, но тој факт го надополнува и оној дека успеала да сруши бројни рекорди – на 57 годишна возраст беше прогласена за највозрасната жена во орбитата, првиот женски раководител на астронаутската канцеларија во НАСА, првата жена што ја водела Интернационалната вселенска станица и тоа два пати, поминала 665 кумулативни денови во вселената, што е повеќе од било кој Американец астронаут.

Музон Алмелеан – амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ

Оваа 18 годишна девојка ја нарекуваат и сириската „Малала“. Со семејството ја напушта Сирија за време на граѓанската војна кога има само 14 години. Ѝ рекле дека може да земе единствено нешто што може да го носи самата, а Музон одлучила дека најважното и скапоценото нешто што го поседува се нејзините учебници. Сега е најмладиот амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ некогаш, кој патува низ светот и зборувајќи во името на сите бегалци и овозможувајќи им пристап до образование.

„Бев очајна кога ја напуштив мојата сакана Сирија. Не би беше грижа за ниту еден од предизвиците  со кои се соочив во бегалскиот камп, се грижев само за моето образование. Ја започнав мојата мисија да им помогнам на другите да се вратат на училишите. Не само моите сограѓани, туку секое дете во светот“, изјави Музон при примањето на наградата.

Џиџи Хадид – модел

Откако се појави во 2014 година, за само три години Џиџи Хадид стана еден од моделите што најдобро продаваат, а воедно е и еден и од моделите што најголем број пати се појавил на насловна страна на некој магазин.

„Тоа што стојам овде и ја добив оваа награда, не значи дека сум научила сè. Ако не се чувствувате силни секој ден, тоа е во ред. Нормално е. Во текот на денот, може да се случи нешто што ќе го смени течението не само на денот, туку и неделата, животот“, вели Хадид, која дојде во друштво на својата сестра Бела и мајката Јоланда.

Жените од #MeToo

Новинарките на „Њујорк Тајмс“, Џоди Кантор и Меган Туи, кои го открија скандалот со Харви Вајнстајн и сексуалното злоставување, се исто така наградени од „Гламур“.

„Секој ден во последните шест недели, излегуваа нови приказни во кои жените јавно зборуваа и ги пријавуваа злоставувачите во било кое поле на дејност. Од жените што работат на фарма, преку оние во ресторан, до спортистки, сите ги споделија своите приказни обединети под хаштагот #МеТоо, кој е твитуван преку 2.3 милиони пати во 85 земји од светот“, вели Кантор.

Со двете новинарки, на сцената излегоа уште четири жени – Анита Хит, Ен Карденас, Ејли Рејсмен и Камерон Расел, кои исто така се сексуално слоставувани од мажи, за што и јавно зборуваа и се дел од жените на годината на „Гламур“.

Никол Кидман – актерка

Една од најуспешните актерки, која воедно е една од жените на годината на „Гламур“, ја искористи шансата да зборува за славење на различноста.

„Ајде вечерва да го славиме она што не прави нас да бидеме свои. Во домаќинството каде што пораснав, сите беа еднакви. Можеби затоа што беше куќа исполнета со научници и академици. Или затоа што тоа беше во Австралија во 1970-тите, а тоа беше време на демонстрации и промена. Имав мајка феминист, но и татко полн со љубов и поддршка. Сè се вртеше околу заедништво и поддршката. Среќна сум што имав такви родители – што охрабруваат, поддржуваат, даваат сила. Тоа беше нивната љубов... која ние сега во мојот дом ја нарекуваме добра љубов.  И тоа е нешто што сакам да го пренесам не само на моите деца, туку и на сите околу мене. Јас сум сестра, мајка, ќерка, сопруга, жена со кариера... Мајка сум на четири прекрасни деца, ќерка на страшни мајка и татко и сопруга на вистински добар човек. Тоа е она што сум јас и затоа стојам тука вечерва. Свесна сум дека не секокј ја имал среќата што ја имав јас. Убедена сум дека мораме да ја шириме добрата љубов секаде каде што ќе видиме дека е потребна. Една од првите работи што ги научив додека работев со UN Women е да ги поддржиме жените кои биле жртви на насилство и колку солидарноста е клучна за нив. Чувството дека не си сам. Дека постои помош. Ајде да ја понудиме нашата поддршка и да предизвикаме промена. Се работи за градење мостови. А мостовите носат разбирање, емпатија, промена...

Навистина сум им должна на оние што направија јас да бидам јас. Што ме доведоа до оваа точка, до оваа година. До мојот живот и целта во мојот живот. Претпоставувам дека затоа сакам да се заблагодарам. Благодарам за тоа што ми дозволивте да паднам и да станам пак, да ги изгребам колениците, дури иако има крв. Ви благодарам за добрата љубов. Ветувам ќе ја ширам понатаму“, вели Кидман во говорот.

Останатите приказни и наградени жени можете да ги видите ТУКА.

Објавено:
17 ноември 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
875 пати
Извор: 
Glamour.com