Новак и Јелена се венчаа на магичниот Свети Стефан: Луксуз, раскош и познати гости!

11 јули 2014

Првиот рекет на светот, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и официјално се венча со неговата долгогодишна девојка, прекрасната Јелена Ристиќ на магичниот остров Свети Стефан вчера околу 18 часот во паркот покрај вилата „Милочер“.

Тие ја крунисаа нивната осумгодишна врска во прекрасна атмосфера во присуство на нивните најблиски пријатели и семејствата.

Шармантната Јелена Ристиќ изгледаше прекрасно во венчаница без прерамки од лесен материјал што лежерно паѓаше од градите надолу и изгледаше уште послатко со оглед на тоа што таа е веќе во шестиот месец од бременоста.

Ѓоковиќ пак, се одлучи за светла боја на костим кој што го комбинираше со бела кошула и вратоврска во потемна боја.

Како што и се очекуваше, на островот пристигнаа бројни странски и балкански новинарски екипи, а меѓу оние кои добија можност да направат ексклузивни фотографии беа и британскиот „Дејли Меил“ и „Хелоу“ магазинот во кој и ќе бидат објавени официјалните фотографии, а заработката од истите ќе биде уплатена во фондацијата на Ѓоковиќ.

Целата свадбена церемонија била неверојатно добро организирана, а многумина коментираат дека освен тоа што метеж правеле новинарските екипи и неколку десетици обожаватели, атмосферата била неверојатно мирна и спокојна што дури и не се забележувало дека тенискиот ас прави свадба.

Сите гости на Новак и Јелена беа сместени во ексклузивниот и луксузен ресорт „Аман“, од каде околу 16.30 часот со автомобили биле пренесени на местото каде што се одржала и официјалната церемонија.

Меѓу гостите на свадбата можевме да забележиме голем дел од тимот и тренерите на Новак, меѓу кои нормално, најголемо внимание предизвика тениската легенда Борис Бекер кој е и актуелен тренер на Ѓоковиќ.

На свадбената церемонија се појавија и Виктор Троицки заедно со неговата девојка Софија Милошевиќ, потоа српскиот тенисер Ненад Зимонјиќ со сопругата Мина, селекторот на Дејвис Купот на репрезентацијата на Србија Богдан Обрадовиќ, тренерот Марјан Вајда, но и неговиот добар пријател и колега Јанко Типсаревиќ кој и покрај повредата на коленото, со помош на патерици го следеше неговиот пријател во секој чекор.

По свадбената официјална церемонија каде Новак и Јелена ги прочитаа своите завети и се заколнаа на вечна љубов, сите 140 гости преминаа во прекрасната градина на спа центарот кај Кралската плажа каде беа поставени огромни шатори. Гостите ги забавуваа Жељко Самарџиќ, Мирослав Илиќ, Лена Ковачевиќ и Милица Тодоровиќ.

За луксузот и раскошот во кој се одвивала целата церемонија говори и самото тоа што познатиот тенисер го откупил целиот остров само за оваа пригода, а се шпекулира дека за тоа издвоил околу 2, 5 милиони евра.

Свадбата на Новак и Јелена завршува утре кога тие и официјално ќе се венчаат во манастирот Прасквица над Милочер, веднаш по петровденскиот пост.

Новак и Јелена го очекуваат нивното прво дете некаде во октомври, а според досегашните информации тие очекуваат син.

Објавено:
11 јули 2014
Категорија: 
Сцена