Со доаѓањето на првите ѕвезди на црвениот килим, (не)официјално започнува и 90-тото издание на „Оскарите“.

Без разлика дали сметате дека е мерило за квалитет или не, мора да се признае дека гламурот и фамата што се крева околу овој настан ги тера сите да ѕирнат во “блескавиот“ свет.

Меѓу првите што присигнаа беше презентерката на Е! мрежата, Џулијана Ранчиќ, која се одлучи за асиметрична креација во бела боја.

Џулијана Ранчиќ

Нејзината појава како да го најави трендот на годинашното издание. Повеќето од оние што ги видовме во овој неофицијален дел од вечерта се одлучија токму за белата боја, односно за нежни, шеќерни нијанси.

 

Исто така, може да се рече дека и ризичната црвена беше чест избор.

Мерил Стрип

Мерил Стрип се одлучи токму за таква варијанта, а довербата ја даде на брендот „Диор“. Номинираната Алисон Џени воодушеви со својот избор, кој го довери на дизајнерката Рим Акра. Во црвено ја видовме и Лесли Мен, како и Софија Карсон.

Алисон Џени

Ако на „Златните глобуси“ црните креации беа доминантни поради поддршката за движењето #MeToo, црните креации на „Оскарите“ речиси и да се бројат на прсти, а меѓу нив една носеше и Тараџи П. Хенсон. Таа повторно покажа смелост, а зад креацијата се потпишува Вера Ванг.

Тараџи П. Хенсон

Организаторите најавија дека ова движење ќе се спомене, но дека ќе гледаат ова издание на „Оскарите“ да биде што позабавно и што подалеку од политиката.

Меѓу оние што дефинитивно привлекоа внимание беше актерката Џенифер Гарнер, која се појави во улога на презентер, а за пригодата одбра креација во кралско сина боја, која едноставно умееше како да ја носи.

Џенифер Гарнер

За истата нијанса се одлучи и Никол Кидман, која пристигна меѓу последните, а вниманието го привлече и со огромната панделка во предниот дел од фустанот, инаку креација на Армани.

Никол Кидман

Џејн Фонда повторно доминираше и тоа избирајќи бела креација од последната колекција на Оливие Рустенг за „Балман“ создадена токму за „Оскарите“.

Џејн Фонда

Џенифер Лоренс остана доследна на „Диор“, па ја видовме во интересна, тренди металик креација, а во таа насока беше и изборот на Сандра Булок. Гал Гадот и Лупита Нјонго исто така се одлучија за фустани со металик сјај.

Џенифер Лоренс

Сандра Булок

Гал Гадот

Нивната колешка Маргот Роби пак, се одлучи за поедноставна креација на „Шанел“.

Маргот Роби

Хелен Мирен многумина ги изненади со својот премногу едноставен избор и чудната нијанса, која ѝ додаваше години, а кога сме кај изненадувањата, едно приреди и Селма Хаек. Таа пак, се појави во впечатлива виолетова креација со збогатен горен дел со камења, од модната куќа „Гучи“. Овие две актерки беа како крајности што не изгледаат толку добро на црвениот килим.

Хелен Мирен

Селма Хаек

Генералниот впечаток е дека годинашниот црвен килим на „Оскарите“ понуди разноликост, но истовремено и сведеност и смиреност при изборот. Од друга страна, отсуствуваше воодушевувањето и креација за која би зборувале и години подоцна.

Во галеријата погоре можете да ги видите речиси сите креации што го красеа црвениот килим, а во текот на утрината, ќе следи и текстот за наградените и тоа што се случуваше на сцената. 

Објавено:
5 март 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
5.694 пати