Оскари 2018: Сите впечатливи моменти од најгламурозното филмско шоу

5 март 2018

Филмот „Shape of Water", во режија на Мексиканецот Гилермо дел Торо ја освои најпрестижната филмска статуетка, Оскар за најдобар филм на 90-то, јубилејно издание на најблескавата филмска вечер што се одржа вчеравечер во театарот „Долби" во Лос Анџелес.

Приказната која преку фантастичната драма-романса, раскажува за љубовта помеѓу нема девојка и водено суштество – половина човек, беше номинирана во вкупно 13 категории, а освои четири Оскари, вклучувајќи го и оној за најдобра режија.

Маестралниот Гери Олдман кој автентично го оживеа ликот на британскиот премиер Винстон Черчил во филмот „Darkest Hour" ја освои статуетката за Најдобар актер во главна машка улога, додека Френсис Мекдорманд, за улогата во филмот „Three Billboards Outside Ebbing", очекувано го освои Оскарот за Најдобра актерка во главна женска улога, откако претходно ги освои сите признанија на филмските манифестации што му претходеа на Оскарот.

Таа имаше инспиративен говор за кој доби овации од сите присутни во салата, посветен пред се на сите жени во филмската индустрија. Почнувајќи со Мерил Стрип, Френсис ги повика да станат сите жени во салата, од актерки до мејкап артисти и костимографи, и да се погледнат меѓу себе и да си дадат аплауз една на друга, затоа што секоја од нив со себе носи посебна и значајна приказна, како што кажа и самата актерка.

Сем Роквел ја доби статуетката за најдобра споредна машка улога во истиот филм, а ги освои симпатиите и на црвениот килим заедно со неговата долгогодишна партнерка Лесли Биб со која не ги криеја своите заеднички емоции, а впрочем во својот говор по примањето на Оскарот јавно и изрази љубов.

Алисон Џени за нејзината улога во филмот „ I, Tonya" ја освои статуетката за најдобра споредна женска улога, а исто така доби пофалби и за нејзиниот изглед како една од најдобро облечените актерки на годинешниве оскари, во елеганта црвена тоалета од Reem Acra.

Сите добитници на Оскарите може да ги погледнете на овој линк.

И годинава одличен домаќин на најгламурозното шоу во филмската индустрија беше Џими Кимел, кој беше задолжен за доброто расположение и на присутните и на публиката ширум светот. Во самиот старт на вечерта, тој се пошегува со моментот дека оној кој што ќе има најкраток говор ќе добие награда: скутер за вода (или можеби не се шегуваше?!). Секако, не заборави да се пошегува и на сметка на Холивуд, вклучувајќи го и горливиот и актуелизиран проблем со сексуалното вознемирување на жените во оваа индустрија: Светот не гледа. Ние мора да бидеме пример!

Со оглед на тоа дека се работи за 90-то јубилејно издание, дел од Оскарите беа посветени и на ретроспективно навраќање низ нивната историја и најзначајните моменти.

Сите детали за црвениот килим може да ги погледнете на овој линк.

Во галеријата во продолжение ви пренесуваме дел од највпечатливите моменти од годинешниве, јубилејни 90-ти Оскари.

Објавено:
5 март 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.506 пати
Тагови: 
Оскари 2018 филм