Пенелопе Круз ќе биде новата Донатела Версаче

22 март 2017

Иако многумина претпоставуваа дека честа да го толкува ликот на Донатела Версаче во третата сезона на „American Crime Story“, ќе ѝ припадне на Лејди Гага, сепак, тоа ќе биде Пенелопе Круз.

Информацијата денес ја потврди студиото „FX“, а приказната за смртта на еден од најпознатите модни дизајнери ќе ја гледаме во 2018 година.

Во епизодите ќе биде прикажан хронолошкиот распоред на настаните од 1997 година, кога Версаче е убиен во неговиот дом во Мајами Бич.

Што се однесува до другите актери, Едгар Рамирез ќе биде Џани Версаче, а Дарен Крис ќе биде неговиот убиец, Ендрју Кунанан.

Приказната ќе биде базирана на книгата на Маурин Орт, објавена во 1999 година, „Vulgar Favors“. Ко-продуцентот Том Роб Смит ќе биде задолжен и за сценариото на неколку епизоди.

Извршниот продуцент пак, Рајан Марфи, кој го имаше своето деби во првата сезона „The People v O.J. Simpson“, ветува уште многу возбуда.

Имено, втората сезона, која исто така ќе се емитува во 2018 година, ќе биде посветена на последиците од ураганот „Катрина“, додека четвртата ќе ја разврзе аферата на Бил Клинтон и Моника Левински.

Објавено:
22 март 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
372 пати