„Пензионерското“ богатство од плакарот на Ник Вустер

27 август 2014

Ако досега низ нашите содржини не сте прочитале за 53 годишниот моден колсултант и експерт за односи со јавност, Ник Вустер, сега е вистинското време да дознаете нешто повеќе за најголемиот американски моден бунтовник, како и да разгледате во неговиот гардеробер. Кога тој се појавува на улиците во текот на модните недели, уличните фотографи реагираат идентично исто како и кога ќе ја здогледаат Ана Дело Русо или Мирослава Дума, додека пак жените што го следат неговиот профил на социјалните мрежи, посакуваат и нивните мажи да имаат сличен стил.

 

На голема радост за повеќето, легендарниот Вустер за еден странски медиум ги отвори вратите од неговиот дом во Њујорк и покажа каково модно богатство крие во плакарот.

Тој за себе тврди дека доколку му се овозможи  да го менува плакарот со нечиј друг, тоа нема да се случи под никаква околност. J.Crew,Селен, Том Браун, Рик Овенс, Comme des Garcons, се само мал дел од дизајнерските имиња што ги преферира, а неговиот стил подеднакво место им дава и на совршено скроените одела, памучните маички, плетените пуловери, свилените вратоврски и колоритните патики.

Нормално е ваков голем и страстен љубител на модата да има свој моден фетиш, па’ исто како и жените тој обожава обувки. Освен тоа Ник своето секојдневие не може да го замисли без очилата за сонце кои ги има во изобилство, сепак, покрај естетска тие за него имаат и дополнителна заштитна функција на видот откако направи ласерска операција на очите.

 

Својата кариера во модниот свет ја почнува уште во средношколските денови, кога за време на распустите работи во бутик на Селин, а  за своите тетоважи вели дека немаат посебна приказна:

-Едноставно сакам како изгледаат. Првата ја направив во 1993 година и тоа е класична морнарска тетоважа со срце на која пишува „мама“. Последната ја почнав во 2009 година на десната нога и никогаш нема да ја довршам. Сфатив дека тетовирањето е премногу болно, а јас сум некако „мек“.

За модното богатство што го поседува, Ник објаснува дека квантитетот зад себе има своја приказна.

-Целата моја гардероба на шега знам да кажам дека е наследство кое го собирам за пензионерските денови. Вкупно за облеката потрошив многу пари и не знам да ви кажам дали жалам за истото. Прашајте ме во 2025!, завршува Ник.

Талентот и изразеното модно чувство тој неодамна го испроба и како дизајнер на капсулна колекција во соработка со италијанската модна куќа Лардини. Колекцијата вклучува 60 парчиња кои се движат во границите од стилот на оригиналниот Вустер.

 

Објавено:
27 август 2014
Категорија: 
Сцена