Плакарот на жената што има 200 „Биркин“ чанти

16 август 2016

Џејми Чу е името на 42-годишната жена од Сингапур која кај некои предизвикува љубомора, кај некои восхит, но има и такви што чувствуваат и лутина.

Џејми Чу

Причината за тоа е нејзиниот луксузен начин на живот. Животната приказна на оваа Сингапурка е мошне интересна и веројатно некој би рекол дека е остварување на сон. Но, сѐ зависи од тоа што посакувате и кон што се стремите.

На 17-годишна возраст почнува да работи како стјуардеса на авио-компанијата „Сингапур Еирлајнс“. Во текот на еден од летовите, кога таа има 20, го запознава мултимилионерот, со индонезиско потекло, Нурдијан Кукои, со кого и се мажи.

Но, нивниот брак не трае долго, па во 2011 година следи развод и тоа секако, во милионски размери. Со оглед на тоа дека имаат две деца, 17-годишна ќерка Калиста и 21-годишен син Кливленд, Џејми се избори за месечна алиментација од 450.000 долари, како и да „му“ замрзне имот од 93 милиони долари.

Во разни интервјуа оваа 42-годишна сега милионерка, изјавуваше како без оглед на финансиската позиција, таа не сака да ги разгали своите деца.

Џејми со децата

-Не сакам да им давам да јадат од златна лажица и да зависат од родителите – вели таа, но во пракса работите се поинакви, особено ако судиме по подароците што ги добиваат. На пример, на синот му подарила Ренџ Ровер кој чини повеќе од 270.000 долари, а нејзината ќерка добива „Шанел“ чанти што чинат и до 6.000 долари.

Затоа и не изненадува фактот што поседува импозантна колекција на „Ермес“ чанти, поточно од моделот „Биркин“, преку 200 чанти. Тоа е повеќе и од колекцијата на Викторија Бекам, па веројатно и на Крис Џенер. Ако се има предвид дека цената на овие чанти се движи од 9.000 до 15.000 долари, јасно ви е за колкаво богатство во чанти се работи.

Но, тоа не е сѐ. Според пресметките на тамошните медиуми, оваа дама троши 14.000 долари месечно на третмани за убавина, што вклучуваат масажи, третмани на тело, лице и коса... Вели, тоа ѝ е поважно дури и од облеката. Инаку, главниот прилив на приходи го добива од сопствената козметичка линија што ја лансираше лани во април, насловена Luminous1 by Jamie Chua. Затоа и не изненадува тоа што изгледа како да има 20-тина години помалку, па честопати мислат дека таа и ќерка ѝ се сестри.

Џејми ја учи нејзината 17-годишна ќерка и како да позира. И додека за едни тоа е кул, за други е несоодветно однесување од мајка.

Но, тоа не ја загрижува премногу оваа жена која што се занимава и со модно блогерство. На Инстаграм ја следат преку 350.000 следбеници, а 69-те порти од својот плакар одлучи да ги отвори пред јавноста.

Централно место таму имаат токму чантите, за кои вели дека иако ги има толку многу, секојдневно ги користи. Во колекцијата има и две што се изработени специјално за неа, по нарачка.

-Тоа се уникатни парчиња и не се произведуваат. Имам и една сребрена, што веќе не е достапна. Ако избледи бојата, не можете да ја однесете во „Ермес“ да ја вратат бојата, бидејќи кожата не го дозволува тоа, па затоа и престанаа да ја произведуваат. Среќна сум што успеав да добијам еден примерок, иако не може да биде заменета или поправена ако ја оштетам. Не се грижам посебно за чантите. Изгледа дека тоа што немам прозорци во плакарот, е добра работа, бидејќи е како бутик и работите внатре не се изложени на надворешни влијанија – посочува Џејми, која секако, има помошничка која го одржува плакарот.

Покрај чантите, таа има и стотици парчиња накит, очила за сонце и чевли. Одделот за обувки вбројува преку 70 чифта на модели од „Лубутан“, „Џузепе Заноти“, „Миу Миу“, „Шарлот Олимпија“, како голем број на рамни обувки.

-Поради природата на мојата работа, постојано носев високи потпетици, но во последните неколку години многу носам патики. Високите потпетици не се добри за грбот, особено како што стареете. И доколку во текот на денот сум на повеќе страни, не сакам да се оптоварувам со високи потпетици. Но, доколку имам некој состанок или ручек, тогаш си носам едни во автомобил и ги облекувам по потреба – открива поранешната стјуардеса.

Во галеријата погледнете дел од нејзиниот дом.

Во продолжение ви го презентираме и видеото од плакарот што Џејми пред неполн месец го сподели на својот „Јутјуб“ канал.

Објавено:
16 август 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.518 пати