По што е препознатлив стилот на славните дизајнери?

3 септември 2013

Создаваат облека која ги генерира светските трендови, преокупирани се со облеката и таа е нивното секојдневие. Но, каков е стилот на облекување на познатите имиња од модната индустрија и по што се препознатливи? Издвоивме пет дизајнери што се уникатни во својот стил, артистичен или кежуал, но секој со посебен момент вметнат од писта во секојдневие.

Прабал Гурунг

Клучни елементи во изгледот на Прабал се: белата маичка во V израз, фармерки или панталони во цигара крој и секогаш уредната фризура. Неговиот стил може да се дефинира како спортски елегантен и по малку ретро. Тој го сака контрастот во комбинациите кои иако се едноставни и лежерни ја отсликуваат посветеноста при изборот.

Албер Елбаз

Вљубеник во пеперутка вратоврските, мора да признаете дека дизајнерот Елбаз е уникатна појава која не се заборава. Клучни елементи од неговиот стил исто така се очилата за вид во класична црна рамка и белите кошули. Стилот на Албер го опишуваме како формален и секогаш впечатлив.

Каролина Херера

Каролина е поим за елеганција. Задолжителни парчиња за неа се пенкало здолништата, елегантните обетки, можеби ременот и перфектната бела кошула. Херера за белата кошула вели дека и дава чувство на сигурност кога не знае што да облече.

Том Форд

Темен костум и  бела кошула, тоа е заводничкото оружје на дизајнерот Том Форд. Тој ја претпочита елеганцијата, секогаш уреден и стокмен од глава до пети, Том ретко може да го видите во лежерна варијанта. Иако,  навидум има обичен изглед, но ќе се сложите дека праќа   многу моќна  модна порака.

Карл Лагерфелд

Слободно можеме да го наречеме Моден Император. Карл,  со темните очила, белата коса, задолжителните стилизирани ракавици и аксесоарите со светкави елементи, оправдано го носи епитетот моден император. Неговиот изглед праќа јасна порака: Тој има маестрална  команда  над модата, а многу дизајнери се восхитуваат и ја почитуваат неговата работа. Неговиот индивидуалистички стил се одразува на статусот како еден од најталентираните дизајнери на  денешното време.

Објавено:
3 септември 2013
Категорија: 
Сцена