Робин Вилијамс: Замина човекот што го правеше светот повесел

12 август 2014

Човекот што беше синоним за хумор и позитивна енергија, сосема ненадејно и тивко, но на еден мрачен начин се збогуваше со светот. Како пренесуваат светските медиуми, легендарниот актер Робин Вилијамс е пронајден мртов во својот стан во северна Калифорнија, каде жевеел со сопругата, а според првите сознанија се работи за самоубиство со гушење.

По повод трагичната смрт, семејството на актерот пушти официјално соопштение до медиумите:

„Робин Вилијамс почина утринава. Водеше голема борба со акутна депресија последните денови. Ова е трагичен и ненадеен губиток за сите нас. Семејството моли за почитување на приватноста во овој тежок момент на жалост“, пренесе Мара Баксбаум, претставичката за медиуми.

Брзата помош била повикана на 11 август, околу 11.55 по локално време, а смртта на актерот е констатирана во 12.02. Вилијамс последен пат е виден на 10.август околу 22 часот, а истрагата за причините за смртта е во тек. Форензичкото испирување е закажано за денеска.

Робин се збогуваше со светот во 63-тата година од животот, а до трагичниот момент, работеше на продолжетокот на филмот „Госпоѓа Даутфајер“.

Со официјално соопштение до медиумите се јави и сопругата на актерот: „Го загубив сопругот и најдобриот пријател, а светот го изгуби еден од најсаканите актери и прекрасно човечко суштество. Срцето ми е скршено. Во име на целото семејство, ве молам да ја почитувате нашата приватност. Сакаме Робин да не го паметите по смртта, туку по смеата и радоста која им ја даваше на сите“.

Инаку, Робин Вилијамс со години беше зависник од кокаин и алкохол, се' до почетокот на 1980-тите, кога одлучи да се откаже од лошите навики. Така беше цели 20 години, за во 2006-тата повторно да потклекне на пороците.

Живот посветен на глумата и развеселувањето на другите

Актерот е роден на 21.јули 1951 година во Чикаго. Првин се запишува на Факултет за политички науки, но после првата година го напушта, за да се запише на Факултетот за драмски уметности во Њујорк. Во текот на студиите, како и после тоа, Вилијамс игра разни улоги, но најчесто во театарските комедии. Со тоа, всушност и на режисерите им се наметна како успешен во овој жанр. Така, набрзо се појавува во неколку телевизиски хумористични серии, од кои најпозната е "Happy Days as Mork".

Во почетокот на 1980-тите, ги добива и првите улоги во серии, кои се емитуваат на кабловска телевизија, а токму тие му носат голема популарност. Сепак, кулминацијата на популарноста во тој период доаѓа со реализирањето на своја шоу емисија насловена како „Вечер со Робин Вилијамс“, како и „Robin Williams: Live at the Met“.

На А-листата на холивудски актери, Вилијамс успева да се најде благодарение на номинацијата на Оскар за главната улога во филмот „Добро утро Виетнам“, по што следи и номинација за улога во филмот „Друштвото на мртвите поети“, а запаметен е и по улогата на Петар Пан во филмот на Спилберг „Капетан Кука“. Сепак, Оскарот во негови раце доаѓа благодарение на улогата во филмот „Добриот Вил Хантинг“.

Својот глас го позајми и во цртаниот филм „Аладин“, за ликот на духот, а како продуцент дебитираше во комедијата „Госпоѓа Даутфајер“, каде ја имаше и главната улога, една што ја одбележаа неговата карира.

Во 1990-тите успехот го одржува со улогите во филмотите „Џуманџи“, „Девет Месеци“, „Инсомнија“, „Ноќи во музејот“... Но, покрај успешната кариера, актерот беше познат и по хуманитарната работа. Исто така, беше и голем вљубеник во велосипедизамот, рагби, екологија, а објави и неколку музички албуми.

А Робин самиот се опишуваше како легално луд. И тоа можеби е навистина соодветен опис. Само „луд“ човек може со таква страст да ги отелотвори ликовите што кај сите нас, што имавме среќа да уживаме во неговиот талент и творештво, оставија трага.

Секој човек во себе има нешто апстрактно, но само некои успеваат да го артикулираат во универзален облик - збор, слика, скулптура, глума...

Последен поздрав за Робин

Целата светска јавност е во шок, како и цел Холивуд. Секој на свој начин и со своја мисла се прости од колегата, пријателот, роднината, или едноставно омилениот актер. Академијата на филмски уметности на Твитер напиша кусо, „Духу, слободен си“.

Ќерката на Робин, на која тој и ја посвети последната објава на Инстаграм, објави цитат на Антон Сент Егзипери, како последна порака до својот татко: „Ќе имаш ѕвезди, како што никој друг ги нема. А во една ѕвезда и јас ќе живеам. Во една ќе се смеам. И ќе биде како ѕвездите да се смеат, кога ќе погледнеш во ѕвезденото небо. Ти, само ти ќе ги имаш ѕвездите што се смеат“.

Кевин Спејси напиша: „Робин го засмејуваше светот и го натера да се замисли. Ќе го паметам и почитувам тоа. Прекрасен човек, актер и пријател“.

Колегата комичар Еди Изард: „Робин Вилијамс е мртов и јас сум тажен“.

Елен Деџенерис: “Не можам да верувам што слушам за Робин. Ни даде толку многу на сите“.

Шер: „О Робин, беше прекрасен човек“.

Стив Карел: „Го направи светот малку подобро место. ПОчивај во мир“.

Претседателот на САД, Барак Обама по повод смртта на овој голем уметник потсети на неговата кариера, на тоа дека беше и радиски водител, лекар, дух, дадилка, претседател, професор, но пред се' - единствен.

Сочуство на семејството упатија и режисерот Стивен Спилберг, како и Алфонсо Куарон, актерите Стив Мартин, Миа Фароу, Дени Девито, Хенри Винклер, Бен Стилер и уште многу други познати личности

Бројните почитувачи на големиот актер оставаат цвеќе и палат свеќи на Патеката на славните во Холивуд, покрај ѕвездата на Вилијамс.

Целиот свет денеска му го дава можеби најголемиот, но и најтажниот аплауз за се' што придонесе во филмската уметност, а и веројатно кај секој од нас поединечно.

 

Објавено:
12 август 2014
Категорија: 
Сцена