Северина е заљубена во креациите на Долче и Габана

25 август 2014

Хрватската музичка ѕвезда е голем љубител на раскошниот дизајн на модели потпишани од модната куќа Долче и Габана кои во своите колекции евоцираат спомени од сицилијанската историја.

Жените кои имаат храброст, но и можност да ги носат дизајните на Долче и Габана подготвени се да се соочат со вниманието кое секако ќе го привлечат било кај да се појават. Иако ова модно дуо со години наназад се успешни и ценети во рамките на модната индустрија, сепак својата вистинска ренесанса ја доживеаја во 2012 година кога ја претставија неверојатно инспиративната колекција во која е „навезена“ традицијата и историското наследство на нивната родна Сицилија.

Разнобојните флорални мотиви, високо квалитетната и внимателно одбрана тантела, предимензионираниот кралски накит во боја на старо злато и сексапилните, но не и вулгарни силуети кои буквално го милуваат телото и создаваат фигура на песочен часовник, ги освоија насловните на сите светски модни списанија. Целата оваа прашина беше доволен стимул за сите трендсетерки и модни икони што побрзо да си ја набават својата доза на италијанска сензуалност. Секоја наредна колекција постигнуваше се поголем успех од претходната со посебен акцент на линијата за сезоната есен-зима 2013 година, од која како посебен моден додаток се издвои филигранската круна, украсена со скапоцени камења во различни бои. Во тоа време Северина по примерот на голем број светски познати дами не можеше да му одолее на кралскиот сјај па фамозната круна ја искористи како единствен моден додаток со кој се појави на насловната страна на хрватската едиција на списанието Elle.

Не е тајна дека гардероберот на Северина важи за еден од најскапите на овие простори и во него се наоѓаат внимателно одбрани креации на светски познати дизајнери кои пејачката ги бира во соработка со нејзиниот личен стилист и верен соработник Петар Трбовиќ. Богатата дизајнерска збирка ја сочинуваат плејада на креации потпишани од Том Форд, Прада и Живанши, а од неодамна и одбрани модели на Долче и Габана кои Севе ги носи на свечени и секојдневни пригоди. Ако го земеме во предвид фактот дека пред се Северина е жена која зрачи со сексапил и медитерански шарм, естетиката на Долче и Габана совршено се вклопува во нејзината природа и ја прави да изгледа сензуално и неверојатно женствено.

За да им испрати модна разгледница од Сплит на нејзините обожаватели на социјалните мрежи, Северина позираше пред фотообјективот на Соња Дворник, во модел кој е дел од колекцијата за пролет-лето 2014 на Долче и Габана. Станува збор за раскошно здолниште со апликации од стари монети кое го комбинираше со транспарентна кошула со точки, масивен ѓердан, очила за сонце со цветни украси и лента за коса со мотив од златници и цвеќиња.

Минатата недела хрватската пејачка ги изненади своите обожаватели со уште еден изглед потпишан од модниот двоец Долче и Габана. Главниот збор овој пат го имаше белиот коктел фустан декориран со елегантни цветни мотиви кои се протегаат дијагонално почнувајќи од рамениците, па се до долниот дел каде завршува фустанот. Овој летен стајлинг е идеален за некоја отмена забава. Целосниот изглед, Севе го заокружи со бели чевли на висока потпетица, дело на единствениот Маноло Бланик.

Исто така, претходната недела се одржа филмскиот фестивал во Сараево каде Северина беше специјална гостинка. На изненадување на сите Севе се појави во колоритна тоалета која ја следеше линијата на нејзиното тело, дело на модната куќа Емилио Пучи. Се чини дека како тргнала работава пејачката во својот плакар наскоро ќе има вистинска и неверојатно скапа колекција на модели кои се потпишани од светски дизајнерски модни имиња.

 

 

Објавено:
25 август 2014
Категорија: 
Сцена