Со рекордна посетеност и култна македонска музика заврши ТАКСИРАТ 18!

12 декември 2016

ТАКСИРАТ 18 заврши во саботата на пладне, кога последните посетители ја напуштија Таксират Афтер Журката во Капан Ан, а откако вечерта од петок кон сабота во преполната Метрополис Арена илјадници посетители беа дел од главниот настан кој ќе влезе во историјата на фестивалот запаметен по рекордната посетеност.



„Главната вечер на ТАКСИРАТ 18 беше сѐ што можевме да посакаме и повеќе од тоа, вечер во градот убав која сите кои беа дел од неа уште долго ќе ја прераскажуваат. Возбудата и впечатоците не стивнуваат, а бесценето е чувтсвото кое сите ние го понесовме со себе по она што имавме прилика заедно да го создадеме во Метрополис Арена.

Илјадници луѓе во најпозитивната атмосфера, разиграни и распеани, преполни со убави емоции и во занес од музиката на култните уметници кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.“, велат организаторите. 

Чест да ја отвори главната вечер со свој настап имаше победникот на годнашниот ЛУЗЕР ФЕСТ, групата CONTACT 59. По нив на големата сцена во Метрополис Арена настапија рап-пионерите ЧИСТА ОКОЛИНА кои веќе 20 години уживаат култен статус кај целата андерграунд публика во Македонија. Арената грмеше и со жестокиот звук на САНАТОРИУМ, најзначајната македонска треш метал група, по кои следуваа ФОЛТИН кои со својот уникатен и весел звук ја разигра публиката изведувајќи ги хитовите од 20-годишниот опус.

 

Со настапот на АРХАНГЕЛ кулминираше и расположението во Метрополис Арена, кога илјадниците луѓе на цел глас ги пееја стиховите од денес култните песни како „Милион долари“, „Нож“, „Војна“, „Сениште“, „Uber Makedonische“... Завршница на нивниот настап беше изведбата на песната „Чудесен свет“ кога на сцената, на извонредниот Ристо Вртев му се придружија и членовите на останатите бендови од македонското „ол-стар“ финале на Таксират и за крај заедно ја изведоа Таксират химната „Поучна“.

А таква, поучна за сите нас, за музиката, за градот убав, за љубовта и другарството беше и оваа извонредна вечер. Таксират Фестивал во Метрополис Арена заврши со настапот на најголемиот македонски електронски артист Кирил Џајковски кој придружуван од извонредната американска артистка ТК Вондер, ја понесе публиката во светот на еуфоричниот танц.



Во меѓувреме, во Хала 2 на Chillout Energy бината настапуваа македонските диџеи Ана Мало, Бодан Јамакоски, Танчевски и Флудер, а по завршувањето на настапите во Метрополис Арена, најиздржливите таксиратлии продолжија на официјалната Таксират Афтер Журка која годинава беше организирана за првпат и се одржуваше во Капан Ан до сабота на пладне.

Не сметајќи ги трите изведби на бродвејскиот хит-мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ кој во Скопје ексклузивно гостуваше со ансамбл сочинет од повеќе од 100 луѓе, како и гостите на ПИН КОНФЕРЕНЦИЈАТА кои беа составени од над 40 експерти во музичката област и темите опфатени во панел-дискусиите, ТАКСИРАТ 18 само во рамки на концертната програма беше домаќин на:

JEAN-MICHEL JARRE, Skye & Ross from MORCHEEBA, TUXEDOMOON, АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ feat. TK WONDER, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН, ЧИСТА ОКОЛИНА, THE ADVENT, SMUT, ČAO PORTOROŽ, KOALA VOICE, BLAŽ, WEINHOLD, WALTER SCHNITZELSSON, PROJECT ORPHEUS, POINT BLANK, ПЕТАР ДУНДОВ, МЛАДЕН ТОМИЌ, SPEEDY, ГОРАН КАН, АНА МАЛО, БОДАН ЈАМАКОСКИ, НИНО ФЛУДЕР, ТАНЧЕВСКИ, CORTEX, ONEILL, FREAK UNIQUE, THE LOCAL BLUE, CONTACT 59, MARINALEDA, SHELL SHOCK, STRING ROAD, INKLINGZ, LINCOLN LETTER, SWATOVSKI, АДО и ШУРБЕ.

Покрај тоа што ова издание на најпосетуваниот фестивал кај нас, забележа рекордна посетеност, ТАКСИРАТ годинава се најде и меѓу 10-те најдобри фестивали во Европа и тоа во категоријата Best Indoor Festival на најпрестижните Европски Фестивалски Награди.

Објавено:
12 декември 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
207 пати