Суптилен гламур на црвениот килим на Оскарите

29 февруари 2016

Еден од најзначајните сегменти од оскаровското шоу е црвениот килим што годинава беше во знакот на едноставноста, префинетоста и минимализмот.

Иако кога се во прашање Оскарите, сме навикнале да гледаме гламур во неговото најотмено издание, ѕвездите на црвениот килим на 88-те по ред Оскари, ни ја покажаа и неговата суптилна страна.
Доминираа монохроматските фустани без комплицирани доработки, чистите линии и едноставни кроеви, најчесто такви што ја следат женската силуета, а неизбежни беа и тоалетите во стилот на „стариот Холивуд" како оној на Алисиа Викандер која беше една од фаворитките и на црвениот килим и на големото платно.

Младата шведска актерка носеше тоалета потпишана од Луј Витон, со корсетиран горен и асиметричен долен дел, навезен со сребрени детали. Со нејзината скромност и непосредност и посебната харзима со која зрачи, едноставно пленеше со комплетната појава.

Апсолутна божица на црвената патека беше омилената Шарлиз Терон. Првата рекација за неа е: оваа жена не е од оваа планета! И уште еден огромен плус за неа е тоа што секогаш знае да одбере стајлинг со кој нејзината природна убавина ќе блесне во полн сјај. Овој пат добитната комбинација беше тоалета од Диор во интензивна црвена боја, со длабоко V деколте и сирена крој. Толку едноставна, а толку впечатлива.

Лејди Гага која својата кариера ја започна како ексцентрик од секој аспект, прогресираше во вистинска модна икона. Статусот на стилска дива го задржа и на црвениот килим на годинешниве Оскари, каде се појави во комбинезон-здолниште од Брендон Максвел. Брановидната фризура, нежната шминка и отмениот накит ја заокружија гламурозната слика на пејачката и актерка.

Џулијан Мур е една од оние актерки од кои секогаш очекуваме перфектен изглед на црвениот килим. Не не разочара и овојпат. Минатогодишната победничка во категоријата најдобра женска улога, оваа година одбра сигурна варијанта – црн тантелен фустан од Шанел.

Посебни комплименти секогаш се резервирани и за Кејт Бланшет. Иако дел од светската модна критика не беше воодушевена од нејзиниот избор во споредба со нејзините претходни изданија, сепак не може да ја негираме магијата која ја носи со себе на секое нејзино појавување. Нејзин избор годинава беше тоалета од Armani Privе, во небесно сина боја и цветови аплицирани по целата должина на фустанот.


Помеѓу последните актерки на црвениот килим се појави и Џенифер Лоренс која остави силен впечаток во тоалета од Диор во романтичен фазон со слоевити карнери, а надополнета со суптилен накит.

Покрај стандардните црна, бела и црвена, 88-то издание беше во знакот на виолетовата и сина боја како и металните нијанси.

Риз Витерспун, Тина Феј и Наоми Вотс одбраа тоалети во виолетови нијанси, додека Софија Вергара и Бри Ларсон беа помеѓу оние кои се одлучија за нијанси на мастило боја.

Машката мода на црвениот килим во најголем дел се држеше до стандардот – црн смокинг, бела кошула и црна пеперутка-машна. Таква варијанта одбра и главната ѕвезда на вечерта, Леонардо ДиКаприо облечен во Армани, кој се појави заедно со неговата мајка, а секако пред медиумите позираше заедно со неговата незаменлива понежна актерска половина Кејт Винслет.

Но, некои беа поексцентрични во изборот па ги заобиколија „златните правила" и експериментираа со оскаровскиот аутфит, како во случајот на Џаред Лето кој се појави во црно-црвен костум од Гучи, а пеперутка-машната ја замени со црвен цвет.

Комплетната галерија погледнете ја во продолжение.

 

Објавено:
29 февруари 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.336 пати