Тарик Филиповиќ: На сопругата најмногу ѝ верувам

24 октомври 2018

Актерот и водител, Тарик Филиповиќ вечерва ќе има можност да се поклони пред скопската публика. На сцената на Македонскиот народен театар ќе ја изведе монодрамата, или како ќе рече, монокомедијата, „Ќиро“, создадена по ликот и делото на спортската легенда Ќиро Блажевиќ.

Се сретнавме на гостувањето во емисијата „Еден на Еден“, а разговорот го започнавме со едноставно „Како сте?“:

-Добро сум, кога и да дојдам во Македонија се чувствувам одлично. Сакам да дојдам тука, луѓето се топли како во мојата родна Босна. Сакам да јадам, сакам да се дружам, и секогаш убаво си поминувам. Во принцип, да се праша некој како се чувствува е навистина убаво. Особено кога е искрено. Не сакам кога е тоа само поздрав од кој чекаш одговор. Но, секогаш ми е драго кога ќе дојдеш некаде па луѓето навистина ги интересира како се чувствуваш во нивната земја, нивниот град... И мене тоа би ме интересирало – вели Филиповиќ.

Низ годините  научил дека времето сепак брзо минува и нема да живееме вечно, па е многу важно како ќе ги поставиме приоритетите:

- До 20 и некоја година човек мисли дека ќе живее илјада години. Времето како споро да минува. После 25-тата година има некој галоп во кој ти мислиш дека имаш 25 години, а всушност имаш дупло повеќе. Кога ќе добиеш деца, приоритетите се менуваат, но не сум од  типот на родители „деца и само деца“, туку сакам да си се посветам и себеси и на љубовта, кариерата, патувањата итн... Сепак, сопругата и двајцата синови се на прво место. Секако дека уживам и во патувањата што доаѓаат со овие професионални ангажмани. Од нешто мора да се живее :) -се пошегува актерот.

А токму сопругата Лејла е таа на чии совети секогаш се потпира.

- Сопругата е мошне модно освестена, така да се изразам и неа најмногу ѝ верувам. Таа од наједноставни работи знае да направи фантастична комбинација и драго ми е што не е оптоварена со некои „потписи“. Многу е дискретна во однос на тоа, како и јас. Кога би купил некое сако или кошула од познат бренд, не сакам тоа да биде видливо. Таа е иста по тоа прашање и нејзиниот совет најмногу ми значи – потенцира Тарик.

Пред да го започнеме разговорот, го слушнавме и како пее.

-Сакам да пеам, но само во друштво, на веселби и собиранки, кога ќе те понесе атмосфера. А понекогаш ќе ме наговорат во емисии, па си замислувам како да сум на некоја журкаJ. „Море сокол пие“ ми е омилена македонска песна. Пораснав со таа песна, како и со музиката на „Леб и сол“, „Мизар“ ги слушав во средно, така да бев во таа фаза и убаво ми е кога слушам македонска музика.

На македонската публика ѝ стана познат по хрватското издание на квизот „Кој сака да биде милионер“, а и денеска е водител на квиз кој се вика „Потера“.

-Знам дека и вие имавте ваша верзија на „Милионер“. Не сум го гледал, но го запознав водителот Трендо. Ми се жалеше дека снима во Софија :) - низ насмевка одговори Филиповиќ.

По претставата во Скопје, Тарик ќе имаат можност да го гледаат и струмичани и штипјани, а вели дека дури и тие што не се упатени во ликот и делото на спортската легенда, ќе уживаат.

Тие кои го познаваат Ќира Блажевиќ и неговиот животен пат, ќе им биде „послатко“ гледањето, но оние кои не го знаат, а имало и многу такви, ќе ја следат приказната на еден човек, за неговиот животен пат, успех, трагедиите, но и преубави случувања. Едноставно, се следи приказната, без разлика дали го знаете или не. Десет години ми беа потребни да го убедам да создадеме нешто вакво, на мое големо задоволство.

А на прашањето, колку би требало некој него да го убедува да е обратно, ќе рече:

-Би бил почестен мене некој да ме глуми, во било што. Верувам дека како и Ќиро, би ме интересирало да испаднам што подобар, во некое поубаво светло. Сепак, не би се мешал во авторската работа, би седнал во прв ред и би аплаудирал.

На крајот, го замоливме за фотографија, а тој ни откри низ насмевка.

-Сакам селфи, бидејќи можеш да се наместиш.

Но, кај него нема ништо наместено. Спонтан, шармантен и непосреден, едноставно остава силен впечаток и не можете да останете рамнодушни.

А и видеото во продолжение ќе ви го потврди истото:

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk) onOct 24, 2018 at 9:30am PDT

 

Објавено:
24 октомври 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.365 пати