Тејлор Свифт и Карли Клос во бохо едиторијал за Вог

16 февруари 2015

По многубројните гласини дека на насловната на мартовското издание на американскиот Вог ќе се појават најдобрите пријателки Карли Клос и Тејлор Свифт, конечно се потврди и таа информација.

Тие изгледаат прекрасно во слични креации во зелена и црвена боја, со минимална шминка и сосема лежерни фризури по кои се и најмногу препознатливи.

Одличниот тим на магазинот направи и неверојатен едиторијал со најдобрите пријателки на неколку магични места додека тие лудо се забавуваат во бохо креации на нивните омилени дизајнери меѓу кои и Оскар де ла Рента, Дона Каран и Ботега Венета.

Во интервјуто за магазинот, Тејлор говори и за нејзиниот љубовен живот што сака целосно да го сокрие од светот, по неколкуте лоши случки со кои досега се соочила.

„Едноставно решив дека не сакам да им овозможам на медиумите таков вид на забава никогаш повеќе. Никогаш повеќе нема да одам на состаноци на јавни места каде што сите ќе можат да ме фотографираат и да пишуваат што сакаат за мене. Повеќе нема да седнам до некое момче и да флертувам со него, бидејќи знам дека следниот ден сите ќе објават дека тој ми е момче“, вели Тејлор во интервјуто.

Девојките во интервјуто ќе кажат дека иако се знаат само една година, нивното пријателство е нешто сосема свето, поинакво и уникатно, нешто што вреди да се негува...

Во интервјуто тие говорат и за нивната неверојатна физичка сличност, но и за сличниот вкус што досега неколкупати се потврдил.

„Едноставно, кога излегуваме, без да се договараме, одбираме толку слични комбинации што понекогаш дури е и чудно. Ние сме многу едноставни девојки, сакаме да излегуваме, да се дружиме, да јадеме заедно... Денеска е многу тешко да стекнете добри пријатели, а Тејлор за мене е нешто посебно, таа е вистински пријател, нема ништо подобро од тоа“, вели Клос за интервјуто во мартовското издание на Вог.

Во продолжение во галеријата, погледнете го одличниот едиторијал на магазинот со двете најдобри пријателки.

Објавено:
16 февруари 2015
Категорија: 
Сцена