Том Харди е совршен маж во новиот едиторијал за Esquire

9 август 2018

Ако под совршен маж подразбираме искрен, спонтан, заштитнички настроен, бунтовен и секси човек, тогаш тоа е Том Харди.

Во последната фотосесија за магазинот Esquire тој не може да изгледа подобро, облечен во неколку комбинации, позирајќи на неговиот имот близу Лондон.

Новинарот што му го прави интервјуто, на одличен начин го доловува актерот и каков е тој приватно, раскажувајќи го денот што го поминале заедно правејќи ја фотосесијата.

Во интервјуто актерот говори за неговото последно филмско остварување, „Venom“ и колку неговиот 10 годишен син му помогнал да го разбере ликот, со оглед на неговата опсесија со стрипови.

Тој раскажува и за неговото детство во Лондон, близу имотот кој денеска го поседува и како му поминувале тинејџерските денови.

Уште на 13 години, тој почнал да се бори со алкохолизмот и други зависности. Самиот ќе каже дека и денеска тие демони му се слаба страна, но потврдува дека од 25 години е сосема трезен.

Како и на денот на интервјуто, така и општо во приватниот живот, тој сака да им помага на луѓето.

Новинарот раскажува дека дента кога требало да ја прават фотосесијата, на пат кон местото каде се упатиле со моторот на Том, на патот нашле постара жена облеана во крв.

Имено, тоа била мајката на најдобриот другар на Том од детството, за што актерот дополнително бил допрен, но за среќа, мајката добила само скршеници.

Веднаш по завршувањето на фотосесијата, заедно со новинарот тој заминал во болницата каде била пренесена мајката на пријателот, каде, сосема нормално, поради него, сите прегледи биле завршени за многу кратко време.

На излезот од болницата, актерот бил пречекан од група обожаватели со кои останал долго време да се фотографира и да разговара.

Вели, ништо не му пречи, сè додека некој не ги фотографира неговите деца.

„Можат мене да ме сликаат, можат да ме сликаат со Рајли (сопругата), но во моментот кога некој ќе се обиде да ги слика моите деца, можам да го искршам и апаратот и него“, вели актерот во интервјуто.

За себе, понекогаш сака да зборува во трето лице, а тоа го прави и овој пат.

„Полесно е така, бидејќи кога работам, се гледам себеси како парче месо“.

Тој ќе каже дека се чувствува многу уморно и дека сака да му се посвети на неговиот живот. По завршувањето на големиот хит за Ал Капоне, во кој изгледа фантастично, тој планира да се повлече од сцената.

Како што ќе каже, сака да пишува сценарија и заедно со неговиот татко, со кој поседуваат продукциска компанија, да продолжат да работат на серијата „Taboo“.

Објавено:
9 август 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
245 пати