Томас Маркл: „Тато, имам ново момче. Принцот Хари“

18 јуни 2018

Томас Маркл, таткото на Војвотката од Сасекс, Меган Маркл за прв пат јавно проговори за неговата ќерка и принцот Хари и зошто не можел да присуствува на нивната венчавка.

Во ексклузивното интервју за Good Morning Britain, тој говори за операцијата на срцето што ја направил само неколку дена пред венчавката на неговата ќерка, поради што не смеел да патува и не бил во можност да ја однесе до олтарот.

Тој вели дека не можел да најде подобра замена од Принцот Чарлс кој „изгледал многу згодно", но сепак, се чувствувал лошо што тој не можел да ја држи неговата ќерка за рака и да ја предаде на принцот.

Во еден момент тој раскажува и како Меган и Хари му се јавиле да побараат дозвола за венчавката, на што тој се согласил и му рекол на принцот „никогаш да не се осмели да крене рака на неговата ќерка".

„Се надевам дека наскоро ќе можам да отидам во Лондон и да го запознаам кралското семејство. Многу сакам да ја запознаам кралицата, многу ја почитувам уште кога бев дете. Мислам дека таа е неверојатна жена и навистина би сакал да ја запознаам", вели таткото на Меган во интервјуто.

Ова е првото интервју во кое Томас Маркл отворено зборува за неговата ќерка и кралската венчавка која ја гледал од едно кафуле.

„Таа беше прекрасна. Плачев додека ја гледав како оди кон олтарот. Многу бев горд. Тоа беше најдобриот момент во мојот живот. Целиот свет ја гледаше мојата ќерка. За жал, јас бев само фуснота во еден од најголемите светски моменти во историјата, наместо татко кој ја води ќерка си кон олтарот. Многу беше емотивно. Многу ми беше жал што не бев таму, но ми беше драго дека целата церемонија помина супер", изјави тој.

Во интервјуто тој се сеќава и на првиот разговор со Меган кога му кажала дека има ново момче.
„Тато, имам ново момче. Јас реков, тоа е супер. Тој е Британец, рече таа на што јас одговорив: Тоа е навистина одлично. Таа потоа рече: Тој е принц. Тој е принцот Хари. Јас реков: Аха, Хари... Таа тогаш ми рече дека не смееме да говориме за него како за Хари, туку да употребуваме само Х кога го споменуваме. Нешто подоцна и тој ми се јави. Хари е вистински џентлмен, супер човек, мора да го сакате", вели Маркл во интервјуто.

Викендов, можевме да ја видиме вљубената двојка на уште една кралска свадба, овојпат на братучетката на принцот Хари, каде Меган се појави во прекрасен фустан на преклоп од колекцијата за 2019 година на Оскар де ла Рента.

Целото интервју ќе можете да го погледнете наскоро на Јутуб каналот на Good Morning Britain.

Објавено:
18 јуни 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.660 пати