Три совршени примери за сведена елеганција

14 ноември 2018

Сведената елеганција е нешто што отсекогаш било ценето и од страна на дизајнерите, без разлика каков бил нивниот креативен израз и од страна на жените.

Сепак, колку и да изгледа едноставно да се постигне таков изглед и ефект, всушност многу жени грешат. Некогаш границата помеѓу сведен елегантен изглед и досаден изглед знае да биде тенка, па многумина се одлучуваат за повпечатливи комбинации, што подразбираат интензивни бои, принтови, светки и слично.

Во продолжение ќе видите како три познати дами од светскиот шоу-биз успеаја да изгледаат совршено, софистицирано и женствено на сведен начин.

Гвинет Платроу (46) во кошула фустан

Актерката на еден настан се појави во кошула-фустан во пастелна корална нијанса. Во делот кај градите има мали набори, копчињата се скриени, а закопчувањето е високо.

Оваа креација на „Ермес“ ја искомбинира со интересни црни чевли со транспарентни делови и панделка и постигна истовремено и професионален и лежерно-елегантен изглед кој одлично ѝ прилега. Шминката е природна и ненападна, како и фризурата.

 

Наоми Вотс (50) во црн мал фустан

Прекрасната Наоми Вотс го украде вниманието на GQ наградите за „Маж на годината“ во Австралија. Се појави во црн фустан до колена, на „Прада“.  Овој сигурен избор не е здодевен поради кројот на фустанот и деталите. Имено, ракавите се спуштени а во делот на околувратникот и половината има црни украсни камчиња, кои му даваат свечена и впечатлива нота.

Фустанот е искомбиниран со црни чевли со ремче, кое има сребрени детали.Фризурата е лежерно брановидна, додека шминката природа, а акцент е ставен на усните.

 

Сиена Милер (36) во миди фустан 

Младата актерка неодамна беше дел од Visa x IMG Fashion Holiday Dinner, а за таа пригода се појави во едноставен прекрасен фустан со миди должина. Креацијата е со ракави и без никакви детали. Она што го прави фустанот интересен и впечатлив, е здолништето во глох, кое изгледа разиграно и го збогатува фустанот.

Комбинацијата е комплетирана со интересни црно-бели чевли и црвено-портокалова чанта, со што актерката не изгледа досадно, напротив.

Овие три примери се показател дека не мора сè да е деколтирано, кратко и откриено, за да бидете забележани или да изгледате привлечно. 

 

Објавено:
14 ноември 2018
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.125 пати