Версаче доминантен на црвениот килим на Златен глобус

12 јануари 2015

Во Лос Анџелес, вчеравечер по 72 – ри пат беа доделени еминентните награди „Златен глобус“. На манифестацијата присуствуваа голем број познати личности од светот на филмот, модата, музиката и шоу – бизнисот. Ретка и единствена можност да се видат собрани толку многу ѕвезди на едно место. Модата на црвениот килим градираше од бели, кон пастелно розови нијанси, црвени тонови, кралско сини и тегет креации, па се до црни и елегантни долги фустани. Во однос на кројот доминираа тоалетите во права и А- линија, но и фустаните во сирена крој. Она што привлече особено внимание е интересниот избор на принтови и декоративни украси на тоалетите. Најзастапени беа блескавите додатоци од кои беа изработени поголемиот број фустани, но не заостануваа и везените апликации, како принтот со пеперутки.

Кралица на вечерта беше латино дивата Џенифер Лопез која се појави во неверојатно гламурозна тоалета на Зухаир Мурад во пастелно розова боја покриена со сребрена мрежа, декорирана со впечатлив шлиц и наметка која во делот околу ракавите има  отвори кои одговараат со шлицот во предниот дел од фустанот.

Џоан Фрогат, актерката која ја освои наградата за најдобра споредна женска улога во серија, мини – серија или ТВ филм, се појави во прекрасна тоалета на Маркеза, во темно сина боја попрскана со безброј светкави украси во темно црвена боја. Ѕвездата во филмот „50 нијанси на сиво“, Дакота Џонсон, се појави во сребрена тоалета без прерамки, потпишана од Шанел Couture.

Жената која успеа да го скроти „вечниот ерген“, Амал Клуни, која досега немаше ниту едно модно промашување, не ги оправда највисоките очекувања од неа, појавувајќи се во црна тоалета на едно рамо на Кристијан Диор Couture, во комбинација со бели ракавици. Изглед кој многу потсетува на стилот на Одри Хепберн.

Кери Вашингтон, исто така  разочара во однос на изборот на фустан со А – линија низ која се преливаат две металик нијанси розова и виолетова боја, дело на Мери Катранцу.

Актерката Емили Блант изгледаше како античка божица во бела тоалета со деколте во асиметричен преклоп, дело на Мајкл Корс, додека Кетрин Хејгл се појави во тегет фустан со впечатлив преден дел, изработен од страна на брендот на Зак Посен. Кејти Холмс едноставно блескаше во темно виолетовата тоалета на Маркеза, а црномурестата актерка Лупита Нјонго остана доследна на својот „принцеза стил“ и се појави во бајковита креација на Џамбатиста Вали, декорирана со виолетово – розови латици од цветови и исто таков принт кој лелеаво паѓа по белата основа на фустанот.

Како и Дакота Џонсон, така и Рис Витерспун се одлучи да блеска на црвениот килим. Таа носеше тоалета на Келвин Клајн. Кејт Бекинсејл се одлучи за креација на Ели Сааб, додека, Клер Данес блесна во интересна тоалета на Валентино.

Селма Хајек како и секогаш носеше креација на Александар Меквин, на која се чинеше дека ременот и е вишок, Џенифер Анистон, се одлучи да ја нагласи својата женственост и елеганција со црна тоалета во А- линија на Сен Лоран, а Хелен Мирен, пак доследна на својот стил се одлучи за црвен долг фустан во сирена крој декориран со светкави камења на деколтето, дело на легендарното дуо Долче и Габана.

Кира Најтли ужива во ретро стилот, па затоа и овој пат одбра фустан со принт од птици и пеперутки од модната куќа Шанел кои доминираа како апликација кај повеќето стајлинзи, додека Џулиен Мур беше шармантна и гламурозна во креација на Живанши, која во горниот дел е светкава, а надолу завршува со пердуви кои се преливаат во сиви, сини и црни нијанси.

Сиена Милер беше неодолива не само поради насмевката туку и поради прекрасниот фустан на Миу Миу, кој во предниот дел беше пократок, а во задниот подолг. Наоми Ватс се одлучи за жолта тоалета стегната со блескав ремен на половината, дело на Гучи, додека Дајан Кругер им се придружи на колешките кои се одлучија за светкави тоалети и заблеска во креација на Емилија Викстед.

Ема Стоун и пејачката Лорд беа единствените кои вечерта   се појавија во андрогено издание, но сепак со елегантна доза женственост. Актерката Ема Стоун се одлучи за комбинација на горен блескав дел и црни панталони, потпишани од Ланван, а Лорд се одлучи за панталони, топ и сако во црна боја, од колекцијата на Нарцизо Родригез. Доминантни на црвениот килим беа дефинитивно креациите на Версаче. Ејми Адамс носеше пастелно сина долга тоалета. Легендарната Џејн Фонда се појави во црвена тоалета со транспарентни отвори од едната страна. Кејт Хадсон, изгледаше прекрасно во бел долг фустан во сирена крој со странични отвори.

Хајди Клум беше вистинска дама во црвено со макси фустан со асиметричена игра на кројот во предниот дел декориран со една прерамка и светкави украси. На армијата Версаче девојки им се приклучи и Џесика Честејн која носеше тоалета во бакарен прелив.

Мажите како и секогаш остана доследни на џентлмен изгледот, а нивен најчест избор беа оделта во комбинација со бели кошули и вратоврски.

Трогателен беше моментот кога дел од славните личности на црвениот килим ја изразија својата поддршка за трагично загинатите новинари во францускиот медиум Шарли Ебдо, па позираа пред фоторепортерите со заштитната парола: Je suis Charlie.

Бурна ноќ со сосема очекувани награди, а во продолжение еве ги имињата на победниците:

Награда за најдобар филм - Boyhood

Награда за најдобар актер – Еди Редмајн

Награда за најдобра актнерка – Џулиен Мур

Награда најдобар филм во категорија комедија или мјузикл – The Grand Budabest Hotel

Награда за најдобра машка улога во категорија комедија или мјузикл – Мајкл Китон

Награда за најдобра женска улога во категорија комедија или мјузикл – Ејми Адамс

Награда за најдобар режисер – Ричард Линклатер (Boyhood)

Награда за најдобра споредна машка улога – Џеј Кеј Симонс (Whiplash)

Награда за најдобра споредна женска улога – Патриша Аркет (Boyhood)

Награда за најдобро сценарио – Александро Гонзалес Инариту, Николас Џакобоне, Александар Динеларис, Армандо Бо (Birdman)

Награда за најдобар анимиран филм – How to train your dragon 2

Награда за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје – Leviathan (Русија)

Награда за најдобра оригинална песна – Glory – Селма (Џон Легенд, Комон)

Награда за најдобра оригинална музика – Џохан Џохансон (The theory of everything)

Награда за најдобра ТВ драма – The affair

Награда за најдобар актер во ТВ драма - Кевин Спејси (House of cards)

Награда за најдобра актерка во ТВ драма – Рут Вилсон (The affair)

Награда за најдобра ТВ мини серија или филм – Fargo

Награда за најдобар актер во ТВ мини серија или филм – Били Боб Тортон (Fargo)

Награда за најдобра актерка во ТВ мини серија или филм – Меги Џилинхал (The honorable woman)

Награда за најдобра ТВ комедија – Transparent

Награда за најдобра машка улога во ТВ комедија – Џефри Тамбор (Transparent)

Награда за најдобра женска улога во ТВ комедија – Џина Родригез (Jane the virgin)

Награда за најдобра споредна машка улога во серија, мини серија или филм – Мет Бомер  (The normal heart)

Награда за најдобра споредна женска улога во серија, мини серија или филм – Џоан Фрогат (Downton Abbey)

 

 

Објавено:
12 јануари 2015
Категорија: 
Сцена