Во плакарот на Пријанка Чопра

29 јуни 2016

Неа ја нарекуваат индиската Бијонсе. Актерка, модел, пејачка... За тоа дека е една од најубавите жени во светот говори и фактот што беше прогласена за Мис на светот уште кога имаше 18 години.

Пријанка Чопра. Секогаш привлечна и за медиумите и за публиката. Нас нѐ привлече и нејзиниот плакар, кој вклучува парчиња од „Луј Витон“, „Ботега Венета“, „Долче и Габана“, „Фенди“, „Лубутан“, „Шанел“....

И покрај бројните атрактивни парчиња, модата не е една од работите без кои не може да си го замисли животот.

-Не можам да живеам без моите најсакани – тука мислам на семејството и пријателите. Но, не можам ниту без технологијата. Јас сум пријател на технологијата и обратно. Исто така, не можам ниту без мојата работа. Покрај овие работи, мислам дека сѐ друго е заменливо – вели Чопра.

Иако образованието го започнува во Америка, на 17 години сепак решава да се врати дома, во Индија.

-Одев во средно училиште во САД. Мајка ми мислеше дека сум навистина убава, па без да ме праша, моите фотографии ги испрати на конкурсот за Мис Индија. Заминав дома, мислејќи на тоа дека ќе ги пропуштам испитите. Воопшто не ни помислував дека ќе победам. Но – победив. А тие ме испратија на Мис на свет, каде повторно победив. Имав само 18 години. Продуцентите одлучија дека би било корисна идеја да бидам, глумам Мис на свет на филм, што еднаш и се случи и јас работата си ја сфатив многу сериозно – открива поранешната мисица.

На прашањето што најчесто има во чанта, ќе каже:

-Имам кутија за моливи, во која ги чувам сите мои моливи. Навистина сакам фенси пенкала и моливи. Слаба сум на убави предмети. Исто така, водам и дневник, бидејќи ми се допаѓа да пишувам, наместо да „куцам“ во телефонот. Потоа, со мене секогаш го носам несесерот со шминка во кој буквално ја има целата декоративна козметика што ја поседувам. Имам околу пет работи во неа, бидејќи секогаш имам некој друг што ме шминка, па и не ми е толку потребна. Имам и мала табакера. Во мојата чанта можете да најдете и парфем, лосион за раце, слушалки, резервни батерии...

Фармерките ѝ се едно од омилените парчиња, но речиси секогаш го доработува.

-Мислам дека шиењето на фармерки беше првото мое модно искуство, во смисла да направам нешто со свои раце. Во средно училиште, несомнено ја открив важноста на модата. Не можев да си дозволам фенси облека што другите девојки ја носеа, па моите братучеди и јас ќе одевме во продавници за поевтина облека. Ќе купевме нешто што ни изгледаше забавно, а потоа ќе зашивавме парчиња и џебови врз нив. Нешто како пачворк елементи. Фармерките што ги носам сега се многу блиску до тоа што го носев во средно училиште. Мислам дека тие за мене беа првиот голем моден момент – признава Пријанка.

Всушност, фармерките, најчесто искинати се дел од нејзината како вели, „дневна униформа“.

-Ги комбинирам најчесто со чизми или патики и кожена јакна. Исто така, најчесто одбирам некоја интересна маица и ранец. Стилистите со кои работам ми велат дека постојано негувам „аеродромски стил“, како секој ден да сум на аеродром, но мене тоа ми се допаѓа.

Еден од најомилените брендови и е „Александар Меквин“.

-Би можела да ги носам нивните креации цел живот, навистина. Исто така, без да пробувам можам да „соберам“ и парчиња од „Долче и Габана“, „Викторија Бекам“. Знам дека ќе ми одговараат. Не знам како оди тоа со мерките, ама навистина е одлично! – вели убавата актерка.

Иако вели дека не се шминка сама и не поседува голема колекција на козметика, сепак има неколку работи без кои не може.

-Задолжително користам средства за отстранување шминка. Без разлика колку сум изморена или кое време е од ноќта, секогаш ја отстранувам шминката и го чистам лицето. А потоа го хидрирам. Дури потоа одам во кревет. Тоа е единствената рутина што ја имам во животот! А да, и првото кафе наутро.

Една од работите што многу ги сака е и маска за очи со мирис на лаванда. Вели, обожува да ја става, бидејќи мирисот ѝ помага да се „исклучи“ од светот.

Да се биде дел од шоу-биз индустријата воопшто не е едноставно. За сите овие години, добивала многу совети, но омилен ѝ е еден од татко ѝ.

-Да имаш храброст да убедуваш, е нешто што не секој го може.  Ова ми го кажа татко ми и мислам дека тоа е мојот омилен совет. Како дете многу ја сакав приказната за Пепелашка. Татко ми ме викаше „Мајмуншка“ (Bandarella – Bandara на индиски значи мајмун). Бев машкуданка, но сакав да бидам Пепелашка. Но, татко ми ми велеше: „Не, ти си Мајмуншка, никогаш немој да се трудиш да се вклопиш во рамките и нормите. Биди тоа што сакаш ти! Затоа, не треба да бидеш Пепелашка на која чевличката ќе ѝ биде точна“ и тоа е мојот омилен совет.

За нејзината поврзанот со таткото говори и тоа дека омиленото парче и она за кое е најемотивно врзана е ѓердан што му припаѓал токму нему.

-Тоа е ѓерданот што тој го имаше додека беше болен. Знаете кога некој е болен, правите сѐ што ќе ви кажат. Така, ние направивме ѓердан со овие камења за да му биде подобро. Ѓердан што е „опеан“ од различни религии и свети места. Тоа е највредното нешто што го поседувам и го носам постојано со мене – потенцира Пријанка.

Објавено:
29 јуни 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.274 пати