Во светот постојат неколку семејства кои многумина ги познаваат по нивното презиме како Кенеди, Обама, Кардашијанс или Марли...

Веројатно во светов и не постои човек кој не го знае Боб Марли, но она што исто така мора да го знаете е тоа дека тој има син кој е подеднакво талентиран музичар како него, како и впрочем сите негови 11 деца.

Достигнувањата на Зиги Марли се и повеќе од фасцинантни – тој досега има освоено пет Греми награди за неговата музика, неодамна објави книга за готвење наречена „Зиги и семејството“ полна со рецепти од неговиот крај, пишува и детска книга, а заедно со семејството имаат и компанија за козметика.

Тој го покани тимот на The Coveteur во неговиот дом од кој тие се воодушевени, а како што самиот ќе каже, и повеќе од очигледно е дека семејството му е на прво место.

Во интервјуто и фотосесијата ќе го видите како позира пред фотографиите од неговото семејство и говори за работите без кои не може.

Од фотографиите направени од неговиот плакар можеме да видиме дека тој е голем обожавател на модни додатоци, конкретно плетени капи по кој е и познат.

Тимот на магазинот открива и дека тој не може без очила за сонце, добри чевли, фармерки, кошули со летен принт, интересни јакни со апликации и добра и квалитетна опрема во која обожува да вози мотор.

Токму дел од овие парчиња можете да ги погледнете на фотографиите кои се дополнети со фантастични украси од неговиот дом кој е навистина магичен.

Тој ќе каже дека не се чувствува како да живее во Лос Анџелес, туку како да е во родната Јамајка, благодарение на тоа што куќата е високо во ридот, а околу истата има огромен број на дрва, природа и многу цвеќиња.

Она што Зиги сака да го посочи во секој момент од неговото интервју е значењето на семејството.

„За мене, семејството е многу повеќе од само семејство. Семејство се и пријателите со кои се сакаме и почитуваме. Мојата жена, мајката на мојата жена, пријатели на нашето семејство, еден извонреден готвач кој го запознав, сите ние сме едно големо семејство. Тоа се некои јамајкански вибрации, тоа мора така да биде“, вели Зиги.

Тој додава и дека сака да ги учи неговите деца на дисциплина, на вистинска работа и труд, тоа мора да биде основа за понатаму во животот.

„Нивниот интерес за музиката е ок, тоа е како шлаг на тортата. Но, има и некои други фундаментални работи кои мора да се спроведат како дисциплината, работата, фокусот, тие работи секогаш ќе влијаат на нивниот живот“, додава Зиги во интервјуто.

Погледнете како изгледа еден ден во неговиот живот и на што тој најмногу сака да троши пари кога облеката е во прашање.

Објавено:
14 ноември 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
210 пати