„Златна бубамара“: Гледајте си туѓа работа

21 февруари 2017

Февруари е месец на „Златна бубамара на популарноста“. Во Македонија освен што се памети по св.Трифун и Денот на вљубените, овој месец се памети и по манифестацијата на која речиси сите би сакале да присуствуваат, макар еднаш – некои за да видат како е, некои за да ги видат другите, други пак, за да бидат видени, за престиж, а некои за да се насмеат. Не е случајна и онаа на Сашко Коцев: „Глеј си туѓа работа“.

Посебно се очекуваше оваа, 20-тата, поради одбележувањето на јубилејот, а помина повторно во знакот на актуелните случувања изминатата година во нашето општество, но и во знакот на музиката, носталгијата, емоциите и мотото: „Што ќе биде – нека биде“.

Доза смеа

Почетокот го одбележа ретроспективата на изминатите 19 изданија. Се потсетивме на некои од најинтересните мигови и некои од најсаканите личности на нашата сцена. Тоа воедно значеше и потсетување на тоа како сме живееле и колку сме се смениле за овие 20 години.

Игор Џамбазов пак, преку песна нè потсети на сите што својата среќа ја бараат под туѓо небо, а Сашко пак, дека не треба да заборавиме да се смееме.

И кога сме кај смеата, она што сигурно ќе ви предизвика насмевка е Коцев во венчаница и неговата замисла како да ја „мажиме Македонија“, танц за песната „Халкидики“, но и настапот на „бубамарското СЈО“.

Никогаш нема да можете да му оддолеете на шармот на Бубо Каров, како ниту на Тања Кочовска или Горан Стојановски односно виш инспектор Томе.

За хуморот се погрижија и Атанас и Тино, кои во нивен стил нè потсетија како живеат младите денес и понудија нивно решение како да се „излечиме“ од завиноста од мобилните телефони.

Доза награди

Дури и да не следите такви манифестации, сигурно изминативе денови слушнавте за тоа како Адел ја подели наградата со Бијонсе за албум на годината – и буквално!

Нашите Адел и Бијонсе беа Никола Ристановски и Сашко Коцев. Но, не се работи за наместено сценарио или пак за уште една доза хумор. Ристановски освои „Златна бубамара“ за најдобар актер.

-Чувствувам огромна благодарност до колегите, како и до вас, публиката, што и при оваа четврта „Бубамара“, имам чувство дека добро се разбираме, и тоа го сфаќам како благослов што многу го ценам. Сакам да се заблагодарам и за оваа трошка смеа, среќа и оаза во изминативе 20 години, дури и во времиња кога не е толку смешно. И токму затоа, оваа „Златна бубамара“сакам да ја поделам со Сашко Коцев – изјави актерот, гест што публиката го поздрави со огромен аплауз.

Со „Златна бубамара“ годинава си заминаа и Тамара Тодевска како пејачка на годината, Даниел Кајмаковски како пејач на годината, Томе Стефановски и Игор Стефановски – Иџе како спортисти на годината. Награда освоија и Антонија Гиговска, „Љубојна“, Џамбо Агушев, „Фчерашни новости“, „Еден на Еден“... 

Доза емоции

Првата Златна бубамара пак, и тоа за животно дело беше доделена на ансамблот „Мањифико“, поточно на брачниот пар Невенка и Панче Кочовски, кои беа придружувани од ќерките Тања и Лидија.

-Од името на сите членови огромно благодарам за оваа награда. Убаво е кога имате две ќерки и сопруга што бескрајно ве поддржуваат – изјави Панче Кочовски, кој со публиката и своето семејство ја прослави наградата со изведба на песната „Мама Хуанита“.

Златна бубамара за трајни вредности доби Росана Сариќ Тодоровска, која не ја криеше возбудата за добиената награда.

-Поддршката од Тоде Новачевки кој ни ги направи повеќето песни беше многу значајна за Маријана и мене. Голема благодарност до него и до моето семејство и до вас публико, да не бевте вие, ова немаше ни да се случи. Мојата Маријана вечерва не е тука, но ги повикувам моите сестри Кочовски, Тамара и Антонија Гиговска да ми се придружат – изјави Росана и со нив го отпеја големиот хит „Признавам“.

Убаво беше на едно место да се видат ликови што одбележале нечија младост некогаш и оние што ја одбележуваат нечија сега со својата песна.

Наградата пак за најголеми достигнувања во хорското пеење отиде во рацете на Томислав Шопов, кој ја делеше сцената заедно со Академскиот хор „Мирче Ацев“. Во чест на починатата Есма Реџепова, настапија со „Чаје Шукарије“. Но, емоциите не запреа тука. Шопов ја имаше честа да му ја додели наградата за трајни музички вредности на Аки Рахимовски и групата „Парни ваљак“.

-Сакам да се заблагодарам на моите родители, но и на Господ за талентот што можам да го делам со вас. Горд сум што можам секаде да си ја претставувам државата и јас секаде во светот сум Аки Рахимовски – рече пејачот.

Дел од најголемите хитови на групата ги отпеја во придружба на хорот и публиката, што беше уживање.

Преку песна, се потсетивме и на светсктие ѕвезди што си заминаа – Џорџ Мајкл, Принц, Леонард Коен, но и Тоше...

Посебно доживување беше и настапот на група „Меморија“. Публиката и Поце во еден глас ја испеаја „Оган под ѕвездите“. Некој се потсети на младоста, а некој посака да живеел во тоа време. Песната разбуди емоции и меморија кај секој од присутните, што беше и совршен завршеток на вечерта.

Ние пренесовме дел од атмосферата, но не и сè. Комплетното телевизиско издание на ќе можете да го гледате в петок.

И на крајот, што бидна – бидна, а што ќе биде – нека биде, до следната, 21-ва „Златна бубамара на популарноста“.

Објавено:
21 февруари 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
4.495 пати