Знаете ли што работеле познатите модни лица пред да станат славни?

29 јули 2014

Ако мислевте дека уникатниот Кристијан Лубутан отсекогаш ги правел најубавите чевли на светот, грешите! Пред да застане на чело на еден од најпопуларните брендови за чевли во светот, тој бил еден сосема обичен градинар. Креативната Вивиен Вествуд пак, пред да стане една од најбараните и најексцентрични дизајнерки во светот, била учителка во основно училиште во Лондон...

Во продолжение, дознајте што работеле светски познатите дизајнери пред да станат тоа што се денеска!

Кристијан Лубутан

Харизматичниот Кристијан Лубутан својата кариера ја започнал како уредувач на градини, сѐ додека еден ден не успеал да ги постави корените на неговата денешна модна империја, иако патот до успехот воопшто не му бил лесен.

Лејтон Дени

Еден од најпознатите британски произведувачи на лакови за нокти, креативниот Лејтон Дени, пред да стане она што е денес, возел вилушкар! Денеска, неговите производи за нокти ги користат повеќе од 800 салони ширум светот и ѕвезди како Кејт Мос и Пенелопе Круз. Тој неодамна дури беше и награден од британската кралица за особен придонес во модната индустрија.

Вивиен Вествуд

На 21 година, Вивиен Вествуд ја започнала својата професионална кариера како учителка во основно училиште во Вајлсден, Лондон. Во 1971 – та година, Вествуд заедно со нејзиниот партнер Малком Мекларен ја отворија првата продавница во Лондон, а нешто подоцна, нејзиниот уникатен панк бренд стана еден од најпознатите во светот.

Том Форд

„Виновникот“ одговорен за заживувањето на Гучи, а нешто подоцна и за основањето на ултра успешен сопствен бренд, некогаш бил главно лице на многу ТВ реклами. Откако го напуштил Универзитетот во Њујорк каде студирал историја на уметност, тој почнал да се појавува како актер во познати ТВ реклами, сѐ додека конечно не си го остварил сонот за сопствена модна империја и модни студии.

Наталија Водјанова

Легендата вели дека совршената руска убавица била пронајдена од модни агенти на улиците на Москва додека продавала зеленчук и овошје во тинејџерските години. Веднаш откако потпишала договор со модната агенција, таа се преселила во Париз каде и почнала нејзината кариера. Оттогаш, Наталија се има појавено на голем број модни ревии, кампањи, едиторијали, а денеска, таа е горд сопственик на хуманитарна организација преку која им помага на децата во Русија.

Џорџо Армани

Пред да стане еден од најуспешните дизајнери во модната индустрија, Армани студирал медицина на Миланскиот Универзитет. Пред да ги заврши студиите, тој и се придружил на војската и работел во болница во Верона. 80 – годишниот италијански дизајнер, нешто подоцна ја оформил својата модна куќа која денеска вреди повеќе од 10 милијарди долари.

Мариан Њуман

Можеби името на Мариан не ви е многу познато, но верувајте дека таа е неверојатно обожувана во модните кругови. Пред околу 20 години, таа почна да ги прави најубавите нокти на светот, па оттогаш, таа е и најбараниот стилисти за нокти во холивудските кругови. Она што е особено интересно да се спомене е дека пред да стане миленичка за нокти во Холивуд, таа работела како форензичар!

Гвен Стефани

Шармантната Гвен Стефани пред да стане успешна модна дизајнерка и уште пред да стане успешна музичарка како дел од групата No Doubt, продавала сладолед во еден од ланецот на американски ресторани Dairy Queen.

Сем Мекнајт

Еден од најпознатите стилисти за коса во светот и омилениот на Шанел, Сем Мекнајт, својата кариера ја започнал слично како и големата Вивиен Вествуд, односно како учител. Денеска, Сем е еден од најбараните и најплатените стилисти и досега работел на огромен број модни ревии и едиторијали за безброј магазини ширум светот.

Андреја Пејиќ

Српскиот модел кој неодамна го смени полот од машки во женски, пред да стане една од најбараните манекенки во светот, работела како келнерка во Мекдоналдс. Андреја денеска можеме да ја видиме во голем број едиторијали за разни магазини ширум светот, благодарение на нејзиниот неверојатен андроген изглед што ја направи совршена за разни модни трансформации.

Миуча Прада

Како ќе изгледаше денеска семејниот бизнис на Прада ако Миуча ги следеше своите соништа да стане мимичар? Најверојано немаше да имаат богатство вредно милијарда долари...

Агнес Дејн

Родена како Лаура Холинс, а денеска Агнес Дејн, оваа прекрасна девојка пред да стане една од најбараните манекенки во светот, работела во рибен ресторан.

Објавено:
29 јули 2014
Категорија: 
Сцена