Џенифер Анистон: Зошто ни е потребен среќен крај? Може ли само среќно постоење?

11 декември 2018

Една од омилените холивудски актерки Џенифер Анистон неодамна даде одлично и неверојатно искрено интервју за модниот магазин Ел, а во истото беше сместена и одлична фотосесија со популарната ѕвезда.

Во интервјуто таа говори за тоа какво е денеска општеството и што луѓето очекуваат од жените.

„Живееме во општество што постојано им вели на жените: До оваа возраст, веќе треба да имате сопруг. До оваа возраст, веќе треба да имате деца. Тоа е бајка. Тоа е мислење што полека се обидуваме да го искорениме од општеството“, вели актерката.

Додека новинарката на магазинот го правела интервјуто во домот на актерката, присутна била и најдобрата пријателка на Анистон, Кристин Хан која говорела за тоа дека на сите им е мистерија како после толку години по „Пријатели“, сите се опседнати со ликот на Џенифер.

Тоа воопшто не е чудно, бидејќи и денеска, многу жени се поистоветуваат со сето она што го правеше и чувствуваше Рејчел Грин во планетарно популарната серија „Пријатели“.

На ова, Анистон се надоврзува:

„Можеби е поврзано со сето она што им недостасува во животот. Или можеби тоа што сите сметаат дека бракот и децата се ултимативната среќа во животот на една жена е уште еден начин да направите успешните жени да се чувствуваат немоќно“...

Таа се прашува зошто сите се во потрага по среќен крај кога едноставно можеме да уживаме во нашето среќно постоење, среќен процес на животот.

„Нормално, мажите можат слободно да си одат по својот пат и авантури, без да им се поставуваат овие прашања“, вели актерката.

Актерката вели дека никогаш не била девојче кое сонува да се омажи, кое сонува за фамозна свадба, таа никогаш немала такви фантазии.

„Затоа, кога прв пат ми го поставија тоа прашање, сето тоа беше толку непознато за мене. Јас никогаш немав приоритет да најдам совршен партнер или совршена свадба и што ќе носам на големиот ден. Јас секогаш сакав да градам куќи од кутии и тоалетна хартија. Едноставно, сакав само да најдам дом во кој ќе се чувствувам безбедно“, вели актерката во интервјуто за Ел.

Додава и дека не се кае за ништо што досега направила во љубовта, бидејќи сите врски и бракови за неа биле сосема успешни и завршиле кога требало.

Во интервјуто говори и за врската со нејзината мајка со која долги години била во лоши односи, но додава дека сето тоа што мајка ѝ го направила и го рекла, знае дека било за нејзино добро.

Завршува со тоа дека денеска е навистина среќна за нејзината работа, за нејзиното семејство, за пријателите и дека нема причина да е тажна.

Инфо: Elle

Фото: ZOEY GROSSMAN

Објавено:
11 декември 2018
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
535 пати