Елена Пандева: Атрактивноста на фан страната Sweet 40+ се надоградува со уште неколку новитети

1 февруари 2019

Онлајн платформата Sweet 40+, што започна да функционира на иницијатива на г-ѓа Елена Пандева, ужива се поголема популарност особено кај дамите над 40-та година. Виртуелната комуникација меѓу членките премина и на ниво на непосредни средби во ателјето на модниот бренд Елена Лука, каде дискутираат на различни теми, најчесто поврзани со модата генерално. Една таква средба беше организирана и деновиве, каде во рамките на отворениот ден, неколку од членките на Sweet 40+ имаа можност да се запознаат со дел од тимот на Елена Лука и принципите по кои овој моден бренд се води во својата долгогодишна работа. На оваа средба беше соопштено дека фан страната се надоградува со уште неколку новитети меѓу кои и затворена група во која на располагање на членките ќе им бидат стручни лица од различни области, па дамите ќе може да добијат стручен совет или одговор на различни прашања. Тоа беше повод да ја побараме г-ѓа Пандева да ни посочи подетално за новостите...

Онлајн платформата Sweet 40+ која ужива голема популарност кај дамите 40+ е Ваша иницијатива. Како дојдовте до идејата?

- Големиот интерес и популарноста на Sweet 40+ искрено беа очекувани, со оглед на потребата на современите жени што им припаѓаат на генерацијата 40+, за еден модерен начин на комуникација. И од тука произлезе самата иницијатива да се реализира онлајн платформа која за нас ќе биде едно заедничко катче за онлајн дружба, но и меѓусебна инспирација. Уште во самиот почеток интересот за страната беше голем, што нè поттикна дополнително заедно со мојот тим да ја развиваме.
Всушност идејата на фан страната Sweet40+ е во основа да ги мотивира и инспирира женитe од различни генерации и профили, преку една современа онлајн комуникација. Се работи за атрактивна платформа каде секојдневно споделуваме различни искуства од различни аспекти. Се разбира, акцентот е на убавите нешта во животот кои дополнително внесуваат ведрина во нашата меѓусебна, секојдневна комуникација. Тука секако мислам и на менталната и на духовната и физичка нега на жените после 40-тата година. Секоја од нас е со сопствено животно искуство на секое поле и е неверојатно мотивирачки кога ќе прочитате некоја инспиративна, лична приказна која навистина може да има големо влијание на колосекот и во вашиот живот. Модата и стилот се неизбежен сегмент на нашата комуникација и ова е уште едно поле на кое сите жени со задоволство дискутираме.

Членките на фан страната имаат можност честопати да присуствуваат на различни настани што се одржуваат во ателјето на Вашата модна куќа Елена Лука. Каков е концептот на овие средби?

-Онлајн комуникацијата на фан страната премина на следно ниво, односно непосредна комуникација меѓу членките на Sweet 40+ на средби во ателјето на Елена Лука. Тука нашите драги дами имаат можност и лично да се запознаат меѓусебе, но и со тимот на фан страната како и со тимот на Елена Лука, па заедно дискутираме на различни теми што нè поврзуваат, се разбира со акцент на модата генерално. Се работи за многу пријатни, неформални средби на кои се создаваат и нови пријателства, па дури и професионални, бизнис релации. Сите досегашни средби завршувале со многу позитивни впечатоци, што за мене е дополнителен стимул да се организираат што почесто.

Неодамна реализиравте уште една средба која беше во рамките на отворениот ден на кој се дискутираше генерално за модната индустрија, но и за принципите на Елена Лука. Колку ваквите настани се атрактивни за членките на Sweet 40+?

-Ако се земе во предвид интересот и ентузијазмот на нашите членки, ваквите настани се навистина атрактивни. Нашите дами се одлично информирани и се во тек со светските модни тенденции, но истовремено следат и што се случува кај нас. Пријатно сум изненадена колку добро ја познаваат работата на Елена Лука, а тоа за мене е голем мотив плус. Конкретно на неодамнешната средба во ателјето на Елена Лука, тие имаа можност да се запознаат со дел од тимот на брендот и имаа прилика одблиску да посведочат каков е амбиентот и принципот на работа во моето ателје. Сето тоа пропратено со пријатен разговор, исклучителна позитивна енергија, а во меѓувреме дамите ја разгледаа и актуелната понуда на уникатни парчиња, а добија и симболични подароци со потписот на Елена Лука. Се радувам на секоја идна ваква средба!

Најавивте уште еден новитет, а е поврзан со фан страната Sweet 40+. Во рамките на истата реализирате затворена група во која членките може да добијат стручни совети од експерти во различни области...

-Да, природно од разговорите со нашите членки, произлезе уште една иницијатива што на сите ќе ни биде корисна во секојдневието. Се работи за затворена група која ќе функционира во рамките на фан страната, а на која може да се приклучат сите наши членки. Ќе го искористам моментот отворено да ги поканам да ни се придружат, затоа што сметам дека таму може да добијат совети или одговори на прашања на теми што им се значајни. Во оваа група постојано ќе ни бидат на располагање стручни лица од различни области, кои ќе ви дадат одговори соодветни на прашањата и темите за кои сте заинтересирани. Ќе биде опфатен широк дијапазон на различни сфери, па покрај мода ќе може да дискутираме и за различни други прашања. Сигурна сум дека и оваа група ќе наиде на голем интерес кај нашите членки.

 

Објавено:
1 февруари 2019
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
833 пати