Криза на средни години: Мажи vs жени

12 август 2019

Многу често се среќаваме со поимот „Криза на средни години“. Овој пат се осврнуваме на анализа на истиот од страна на психолог - Драгана Станковиќ, која дава свое стручно видување на тоа што значи и подразбира овој период од животот, кој не ги одминува ниту мажите, ниту жените, а ви го пренесуваме во продолжение:

„Поимот „криза на средни години“ постои уште од 1965 година и го означува периодот кога мажите и жените се соочуваат со стравот дека им останало уште малку време во животот. Врз децата веќе немаат големо влијание, партнерот станува како роднина, се провлекува незадоволство од работата, па и бракот, општественото опкружување, а посебно е изразено незадоволството од физичкиот изглед.

Здравствените проблеми се редат, а уморот е константа.

Криза на средни години кај мажи:

-купување нов атомобил, телефон, мотор

-изненадна промена на изгледот - носење облека за дупло помлади личности, бојадисување на косата, мустаќите или брадата

-поминување повеќе време пред огледало, во теретана, диети

 

Криза на средни години кај жени:

-пластични операции - затегнување на лицето, телото

-вежбање, правилна исхрана

-потрага по старите љубови по пат на социјални мрежи

-излегување со пријателките на места за помлади личности, со цел враќање во времето на младоста.

 

Кризата може да има физиолошки, но и психолошки причини. Обично се јавува со некои значајни семејни случувања - дипломирање на децата или смрт на родителите. Најчесто, периодот во кој се јавува кризата на средните години кај мажите е 43. година од животот и таа фаза трае од три до десет години што е дупло повеќе отколку кај жените, а е поврзана со појавата на андропауза. 

Жените кризата ги погаѓа во 44.година и трае две до пет години, а поврзана е со почетокот на менопаузата, а сите тие хемиски промени ги предизвикуваат проблемите со спиење, вишок килограми, појава на психосоматски проблеми.

Сепак, кај некои личности, кризата може да почне и во 35. година, а кај други и 20 години подоцна. 

И додека мажите обично се докажуваат пред другите, особено на работното место или кај дупло помлади жени, жените често потврдата ја бараат во меѓучовечките односи. Имаат чувство дека ги израснале децата, па треба да се вратат на соништата кои што пропуштиле да ги остварат поради семејни обврски.

Дали кризата на средните години ќе се развие во пат за промени или паѓање во депресија, зависи од многу работи, но пред сè од поддршката на партнерот и околината.

Личностите кои ги мачи оваа фаза се склони кон донесување на неочекувани, изненадувачки одлуки - од давање отказ на работа, преселба, продажба на имот, па сè до развод. Некој кој се омажил или оженил млад, па после четириесеттата почнува да размислува за тоа што сè пропуштил и по секоја цена сака тоа да го надокнади.

Страв од старост

И додека тој што сака да се разведе, веќе има сè испланирани, донел одлука дека едвај чека бракот брзо да се заврши, другиот е шокиран од барањето и на почетокот е на прифаќањето на новонастанатата ситуација, која може да биде и тоа како болна. Не е реткост ново-слободните луѓе да почнат да практикуваат необични однесувања како - алкохолизам или сексуален промискуитет. И кога ќе најдат нов партнер, обично тој е двојно помлад од нив, а со цел да си ја вратат самодовербата и полната моќ.

Истражувањата и науката не се занимаваат многу со возрасното доба. Се добива впечаток дека возразните и зрели личности се препуштени сами на себе. Тоа е време кога од возрасната личност се очекува да биде стабилна, самостојна и одговорна за своите постапки и нема оправдување доколку не е така.

Средните години се период кога личноста веќе не е млада, но не е ни толку стара. Затоа, за ова време треба да се гледа од многу попозитивен агол, во смисла дека луѓето тогаш се полни со искуства, мудрости кои животот ги научил. Ова е идеално време да го направат тоа што не стасале претходно, време кога себеси ќе се стават во центар на внимание и време кога конечно можат да се посветат себеси, бидејќи дотогаш повеќе се посветувале на другите.

Сите оние кои се мачат со разни физички, но и психички тегоби, совет е да побараат психолог и со него да работат на надминување на кризата, да ги смират емоциите и да ги донесат правилните одлуки. Важно е личноста да сфати дека сè што ѝ се случува е привремено. Бегството во седативи, афери или пороци, може да даде само привремено олеснување, но долгорочно може да донесе само болка. 

Наместо да бегаат, потребно е да направат некои промени. Сфаќањето на кризата како дел од нормалниот процес на развојот, без да игнорирање, е конструктивен начин на размислување на една возрасна и зрела личност“.

 

 

фото извор: pinterest.com; 

Објавено:
12 август 2019
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
1.674 пати