Средбите на членките на популарната онлајн платформа Sweet 40 + се чини станаа омилена традиција на дамите, па така тие имаа можност да се дружат и оваа сабота во салонот на реномираниот македонски бренд Елена Лука.

Насмеани и ведри како и секогаш, тие разговараа на многу теми што ги засегаат, но овојпат дадоа и супер конструктивни предлози за тоа на што во иднина би можела да се насочи платформата која за краток период стана омилено место на дамите над 40.

„Многу ми е драго што средбите на дамите од Sweet 40 + на некој начин станаа традиција и се сè побројни. Овие средби се одличен начин дамите да се запознаат меѓусебно и да дискутираат на различни теми што ги интересираат. Во рамки на овие отворени денови, тие имаат можност да се запознаат и со работата на Елена Лука и сите новитети што ние специјално ги креираме за нашите драги клиенти. Новата колекција чанти наиде на исклучителен одзив кај дамите кои се воодушевија од бројните модели кои се идеални за секоја пригода и жени од различна возраст. Ние постојано лансираме нови парчиња кои дамите можат да ги погледнат во нашиот салон во Капиштец“, изјави Елена Пандева, генерален менаџер на Елена Лука и онлајн платформата Sweet40+ и најголем иницијатор за овие средби.

Како и секогаш, реномираниот моден бренд работи на нови проекти со кои многу наскоро ќе ги запознае и своите клиенти.

„Во моментов работиме на новата колекција која ќе биде нешто спекатакуларно, а секако тука е и колекцијата за најмалите, Elena Luka Princess во која вметнавме уникатни фустанчиња за малите дами, соодветни за различни возрасти. Токму тоа што гледам дека тие се пресреќни кога ќе облечат некој од нашите модели, за мене е вистинска награда и ме тера мене и мојот тим да продолжиме понатаму во нови успеси. Секако, нашите дами од платформата Sweet 40 + секогаш се тука за да нè поддржат во сите проекти, а ние се радуваме што и за нив ќе следуваат многу новитети и активности во кои знаеме дека ќе уживаат“, додава сопственичката Пандева.

Елена Пандева, генерален менаџер на Елена Лука

На денешната средба дамите имаа можност да се дружат и со нашата позната пејачка и активист, Ребека Јанковска Ристески која од самиот почеток е член на онлајн платформата Sweet 40+.

„Идејата на Sweet 40 + е супер затоа што постојано нè потсетувате на некои стари песни, има убави објави за модата, статуси, интервјуа, од време на време знам да се вклучам во дискусија, баш ми се допаѓа, всушност јас почитувам сè што работи Елена. Би додала само дека можеби овие средби можат да имаат и контруктивен карактер, односно да направиме некое добро дело кога ќе се собереме и да ѝ помогнеме на некоја самохрана мајка на пример или нешто слично. Јас знам дека Елена тоа често го прави, но би можеле да направиме и нешто заедничко. Или пак, да се направи некоја акција за нешто уште пошироко каде што ќе бидат вклучени многу повеќе жени и тоа да се искористи за некои хуманитарни цели. Убаво е кога се собираме да се дружиме, а притоа и да завршиме некоја работа“, изјави пејачката.

Како и сите останати дами, и таа беше воодушевена од новата колекција чанти, а како што кажа, не постои жена на светот која не е љубител на чанти.

Таа нѝ откри дека во текот на летниот период ужива во друштвото на децата на кои им е целосно посветена, а секако тука се и хуманитарните проекти на кои работи.

„Она што имам време да сработам е поврзано со давање на некаков мој придонес во комисии за лица со попреченост, летово имаше и една работилница која ја работевме со Националната алијанса на Македонија, каде што сум претседател и изготвивме национална стратегија за лица со ретки болести. Секако, се работат и проекти со здружението „Дајте ни крилја„, а останатото време максимално им го посветувам на децата, спортуваме, патуваме, неодамна бевме во манастирот Свети Јован Бигорски и на уште многу други места низ Македонија“, изјави Ребека за Fashionel.

На средбата пристигна и Маја Делјакова која долго време живее и работи како учителка во Лондон, а во салонот на Елена Лука пристигна со нејзиниот тригодишен син.

„Сега прв пат доаѓам на оваа средба иако бев поканета неколку пати, но не бев тука и немав можност да дојдам. Можам да кажам дека сум една од поактивните членки кои редовно ја следат страната и уживаат во сите содржини на истата. Досега сè што сте направиле, за сè што сме разговарале било интересно, а во иднина предлагам да ја проширите групата и надвор од Македонија за да имате повеќе членки. Ние што сме од странство сме исто така дел од групата, но супер би било да има активности и во други градови за сите оние што не можат да дојдат во Скопје. Мислам дека сега страната има многу поголем број членки од тоа што се очекуваше, Елена Лука ги обедини дамите над 40 на едно место. Мило ми е што секојдневно има различни теми за коментирање и за дружење“, изјави Маја за Fashionel.

Валентина Златановска, педагог од Скопје, редовно ги следи содржините на Sweet 40 + и секогаш присуствува на ваквите средби, упати само пофални зборови и посака истите да се случуваат што почесто.

„За разлика од минатиот пат, сега имате уште поголем успех, голем дел од нас си го пронајдоа својот бренд меѓу кои и јас и тој е на мене. Со вашата прва средба постигнавте многу, ова е трет пат како јас присуствувам, секогаш сте позитивни во ова време кога голем дел од народот е полн негативна енергија и емоција. Со ова ваше инволвирање на жените над 40 во еден ваков проект направивте да се чувствуваме среќни. Со овие промени секој еден може да биде она што сака да биде. Мене ми се допаѓаат сите теми на кои разговараме, а тоа не е само мода, туку се разговара за нашите потреби, нѝ давате поддршка за што и да треба, на некоја следна можеме и да разговараме за тоа што готвиме и што јадеме за да изгледаме убаво. Sweet 40 + е нешто на што сите вие работите со срце и ние ви благодариме за тоа, а јас се надевам дека ќе прерасне во нешто уште поубаво и поголемо. Имате голем број следбеници и од надвор кои присуствуваат секогаш кога имаат можност и тоа многу кажува за популарноста на страната“, вели Златановска.

Разгледувајќи ги парчињата во ателјето на модната куќа, таа ќе каже дека сега со колекцијата чанти и магичниот накит, жените тука ќе најдат сè што е потребно за еден целосен изглед.

Таа ќе каже дека секоја дама понекогаш сака да изгледа спортски, но сепак впечатливо, па сега и тоа е можно со новите маички на куси ракави на модната куќа со кои секоја дама ќе го надополни својот изглед.

Дел од средбата беше и Снежана Цветковска, дипломиран економист, вработена во Клиничкиот центар која ќе каже дека идејата на Елена Пандева да се обединат жените над 40 преку ваква платформа е и повеќе од одлична.

„Добро е што дамите на овие средби можат да разговараат буквално за сè, почнувајќи од мода и да потенцираме дека и ние постарите одлично се носиме со сите стилови и силно ја поддржувам таа идеја и би сакала да продолжи. Конкретно, би можеле да разговараме повеќе за здравиот начин на исхрана, за фитнесот, за разни активности кои се многу важни за жените и од здравствени и од физички причини. Тоа може многу да придонесе, да ѝ ја врати самодовербата на жената на голема врата и после едноставно работите одат во поинаков тек во позитивна смисла. Супер е што и спортскиот елемент се вметнува во овој бренд и навистина се надевам дека ќе има парчиња за сите возрасти, а токму спортскиот стил нè поврзува сите“, вели таа.

Професорката во средното медицинско училиште, Мирјана Цветковска ќе каже дека е благодарна за ваквите средби, бидејќи за дамите над 40 години нема вакви активности.

„На овие средби би можеле да разговараме и за некои наши сугестии, на пример би можеле на некоја следна заедно да создадеме некои креации, некои од нас се вистински таленти, но во текот на животот не сме можеле да дојдеме до израз. Би било интересно ние да создадеме нешто па потоа да се разговара на стручно ниво со вашите дизајнери во однос на остварување на истата. Колекцијата спортски маички во секој случај е за поздрав, одлично е што се оди и во друг правец на креирање на облеката, бидејќи и тука жените над 40 и тоа како се пронаоѓаат“, додава таа.

Објавено:
20 јули 2019
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
1.423 пати