Синди Крафорд за бракот: Сопругот ми е приоритет

30 април 2018

Моделот Синди Крафорд (52) и сопругот  Ренди Гербер (56) годинава ќе прослават 20 години брак, а од љубовта ги имаат синот Присли Вокер и Каја Џордан.

Во повеќе наврати, Синди зборуваше отворено за тоа како воопшто не е лесно да се одржи добар брак, но дека токму во тоа е и убавината.

„Сопругот ми е приоритет и не ги земам работите здраво за готово. Ако сум отсутна три дена, тогаш се трудам следната недела да сум дома. Реална сум во поглед на тоа дека баланс мора да постои“, вели моделот.

„Добар брак бара работа. Луѓето што ќе се откажат рано значи дека не го сфатиле тоа. Не сфатиле дека ако вложат дополнителен напор, ќе преминат на другата страна и ќе ја испишуваат историјата заедно. Ние отсекогаш отворено сме зборувале за овој „проблем“ и колку го цениме тоа, што никогаш не сме се откажале. Воедно, отекогаш сме се почитувале, дури и кога не сме се согласувале околу многу работи. Кога се случува тоа, сакам да го сослушам и да знам зошто не се согласува, што е исто така одраз на почит“, раскажува Синди.

Не крие дека е благодарна што има сопруг што навистина ѝ се допаѓа и го сака, како и тоа дека сè уште физички ѝ е мошне привлечен.

„Навистина меѓу нас сè уште постои хемија. Кога сме заедно се забавуваме. Животот е стресен, да се биде родител исто така, но сепак сè уште успеваме да најдеме време еден за друг. Си посветуваме внимание и се третираме како пријатели, што е навистина убаво... Но, сè уште ми се допаѓа и уживам кога го гледам, а тоа чувство никако не смеете да го потцените“, смета Крафорд.

Со оглед на тоа дека децата се веќе возрасни, тие имаат повеќе време за себе.

„Како што старееме, одеднаш сфаќаме дека децата сè почесто не се тука и доаѓаме во ситуација да сме сосема сами. Уживаме да шетаме по плажа. Тоа ме потсетува на времето кога почнавме да се забавуваме. Сакам едноставност. А и грижите за децата се сега помали, бидејќи знаеме дека се добро и дека уживаат во нивните интереси“.

Синди и Ренди се запознале на венчавка, каде и двајцата биле гости и во придружба на други луѓе. Меѓу нив првин се развило пријателство, а моделот верува дека токму тоа придонело нивната врска, а потоа и брак, да успеат.

„Тоа ми беше првата врска која започна од пријателство. На секого би му препорачала со партнерот првин да биде пријател, а дури потоа да се впушти во нешто повеќе. Ние не сме двојка која се слуша по 20 пати дневно, но тоа не значи дека не се сакаме или не се слушаме. Јас сум таа која почесто му се јавува, бидејќи јас сум и поемотивна. Ако се прашува Ренди, неговата философија е: „Ако е сè во ред, зошто би зборувале за тоа. А ако нешто не „штима“, повторно, зошто би зборувале?““

Во 1998 година двојката стапува во брак, на Бахамите и речиси во целосна тајност. Никој не знаел дека подготвуваат нешто такво, па дури и нејзиниот стилист. Тој добил задача да најде црни и бели фустани за некаква забава. За венчавката Синди одбрала едноставен фустан од тантела и свила, а ја дизајнирал Џон Галијано.

„Имав само малку шминка, а косата ми беше лелеава. Сакав да изгледам како најдобра верзија на девојката покрај која Ренди секое утро се буди“, не крие моделот.

Инаку, во 90-тите беше во брак со Ричард Гир, кој се распадна во 1995 година. Не сака често да зборува на таа тема, бидејќи смета дека тогаш била сосема друга личност и било друго време, кое не е ни блиску до ова сега.

„Мојот тогашен сопруг беше опседнат со тибетантскиот будизам, што мене во почетокот ми беше интересно.  Но, потоа сфатив дека тоа не е ншто што ме интересира. А тоа не значи дека помалку вредам како личност. Или тој“, се присетува Синди.

 

фото извор: pinterest.com; popsugar.com; 

Објавено:
30 април 2018
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
1.380 пати