10 стајлинзи на познатите кои се совршена инспирација за пролетна свеченост

10 мај 2019

Најчесто комбинациите од познатите не можеме да си ги дозволиме, бидејќи се работи за парчиња од светски познати брендови. Сепак, нивниот изглед може да послужи како инспирација. Токму тоа е фокусот и на овој текст.

Во продолжение ќе видите 10 стајлинзи на познатите од неделава на изминување, а можат да послужат како идеја што да носите на пролетна свечаност.

#1 Амал Клуни

Џорџ и Амал Клуни присуствуваа на ОМЕГА балот, а за таа пригода дамата одбра долг фустан со луксузни реси, кои се мошне популарни сезонава. Асиметричноста исто така го прави да биде трендовско парче. Спојот на винтиџ нотата што ја даваат ресите и трендовските тенденции го прават фустанот совршено парче кое одлично изгледа пред сè на високи дами. Ресите знаат да додадат волумен, така што ако се одлучите за некое вакво парче, внимавајте и на пропорциите, може да изгледате пошироки одошто навистина сте. Она што е сигурно е дека ќе изгледате впечатливо и гламурозно.

#2 Кејт Бланшет

 Оваа по малку рокерска комбинација на Кејт Бланшет е совршен избор за оние што сакаат да излезат од шаблонот. Црните панталони со патент и кратката кожена јакна во ист стил се со потпис на модната куќа „Луј Витон“, на чија и ревија се појави токму во ваква комбинација. Со оглед на тоа дека Бланшет е на прагот од шестата деценија, со сигурност може да се каже дека комбинацијата е одлична за дами во различни возрасти, ако умеат да ја носат.

#3 Ен Хатавеј

Неодамна во Лос Анџелес се случи премиерата на филмот „Hustle“ каде главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј и Ребел Вилсон. На црвениот или поточно златен килим, Хатавеј се појави во гламурозен комбинезон. Креацијата е на Ели Сааб, збогатена е со тантела во средишниот дел. Широките ногавици на панталоните и строгиот горен дел како сако, го прават одличен избор за оние што го негуваат елегантниот и класичен стил, без разлика на возраста. 

#4 Џулија Стајлс

 Премиерата на втората сезона на серијатa „Riviera“ во Лондон се случи неодамна, а актерката Џулија Стајлс буквално блесна. Таа се појави во стајлинг вреден речиси милион евра, но за тоа најмногу придонесува скапоцениот накит. Што се однесува до стајлингот, таа носи женствена креација, со широко здолниште и убаво деколте во V- израз. Го искомбинира со црни сандали со ремче, што уште повеќе ја нагласува елеганцијата. Фустанот е интересен поради горниот слој, бидејќи материјалот како да е проткаен со сребрен конец.

 

#5 Оливија Кулпо

Комбинацијата на Оливија Кулпо е одлична идеја за оние што сакаат да го стават сексапилот во преден план. Фустанот со потпис на Александар Вотје со длабок V-израз и шлиц од едната страна, а со долги ракави сосема ги нагласува облините. За тоа уште повеќе придонесуваат и наборите кои се „собираат“ во делот кај половината. Таа го комбинира со минималистичка златна чанта и сандали, а длабокото деколте е одлично доколку сакате да вметнете и долг ѓердан. 

 

#6 Доуцен Крус

Ако сте љубител на панталони, тогаш сигурни сме дека оваа комбинација на моделот Доуцен Крус ќе ви се допадне. Нејзиниот избор се панталони од тенок скај, со широки ногавици и висок струк. Го комбинира со црна ролка со нагласени раменици. Комбинацијата ја заокружува со бели чевли, плик чанта, округли обетки и црвен кармин - идеална и за прослава, но и за прошетка, па дури и за работното место, ако го дозволува тоа.

 

#7 Вог Вилијамс

Водителката и модел Вог Вилијамс на улиците низ Лондон неодамна прошета во една „виножито“ комбинација, која остава впечаток не само поради пастелниот избор на бои, туку и поради женственоста. Здолништето е под колена и широко, но сведено, а горниот дел е топ со набрани широки ракави и деколте со V-израз. Изгледот го заокружи со сандали со ремчиња и мала чанта. Ова е варијанта на фустанот на преклот на Дајан Фурстенберг, така што се работи за класика која им прилега речиси на сите. 

 

#8 Наоми Харис

Актерката Наоми Харис во комбинацијата на сезоната. Женските одела се апсолутен хит, а ова со строги линии и принт е нешто што секоја жена би го посакала. Во ваква комбинација одавате впечаток на моќност и самодоверба (секако ако убаво се чувствувате во него), а чевлите со тенко ремче даваат доза на елеганција, женственост и сексапил. Комбинацијата е заокружена со тенок ремен и мала чанта, која во согласност со пригодата, може да се менува. 

 

#9 Попи Делевињ

 Попи Делевињ се појави на една свеченост во Лондон во креација на „Armani Prive“. Фустан со светки во црвена боја е сè што ви е потребно за комплетно да блеснете на некоја пригода. Притоа, со долги ракави и округол околувратник, овој фустан само ја следи линиијата на телото, но на еден суптилен и лежерен начин. За помладешки изглед, Делевињ го комбинира со сандали со ремче во интензивно розова нијанса - смел избор кој совршено добро функционира. Плик чантата е во истата нијанса и е одличен избор.

 

#10 Џулијан Мур

И Џулијан Мур се појави на Круз ревијата на Луј Витон неодамна, токму во парчиња од брендот. Нејзината комбинација ќе им се допадне пред се' на оние што го негуваат еклектичниот стил. Таа спои сребрено здолниште со бела кратка јакна на која ракавите ѝ се со шаховски принт. На сето тоа, таа додаде и зелено крзно и чанта со беж и кафени нијанси. Чевлите и хулахопките се црни. Можеби ви изгледа многу, но оние што сакаат да се забавуваат со модата, ќе знаат како да се инспирираат. 

Објавено:
10 мај 2019
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
2.377 пати