Безвременски модели на костими за капење по мерка на светските ѕвезди

16 јули 2014

Моделите на костими за капење со потписот на стилистката Лиза Мари Фернандез веќе имаат голема војска обожавателки уште со промоцијата на првата нејзина колекција која излезе во 2009 година, а беше целосно инспирирана од нуркачките костими.

Оваа успешна стилистка , во 2009 година претстави моќни и секси модели на костими за капење креирани од луксузна верзија на материјалот неопрен кој се користи за изработка на нуркачките костими. Предноста кај овој вид ткаенина е што има моќ да ги нагласува облините кај жените без притоа да се вметнуваат посебни постави или метални додатоци, со што се осигурува чувството на удобност.

Неопренот е исто така одличен и поради неговата издржливост, па така вашиот костим за капење направен од ваков вид материјал ќе можете да го користите навистина долг период. Кога на овие одлични перформанси ќе ги додадеме и фантастичниот дизајн и модерниот крој, јасно е дека Лиза Мари Фернандез со својата креативност и модна умешност успеала да изгради вистинска мала империја на костими за капење.

Посебно внимание привлекуваат едноделните модели кои многу лесно може да се носат и како боди. Во зависност од вкусот понудата вбројува и романтични асиметрични модели со впечатливи карнери во предниот дел или пак дизајни кои се структурирани со масивни патенти, детаљ кој  според дизајнерката треба на женското тело да му даде изглед на секси „Бонд Девојка“. Она што е фасцинатно во приказната на Лиза Мари не е инвентивната идеја за промоција на нешто поинакво и оригинално, туку и фактот што овие костими за капење и после скоро пет години повторно се актуелни и популарни и најбарани од страна на славните дами.

Овие костими за капење беа љубов на прв поглед за голем број дами и трендсетерки како Алекса Чанг, Ријана, Блејк Лавли, Кети Пери и Мајли Сајрус. Фернандез покажа дека чувството за модна естетика и вистинска комбинација на материјали и дизајн знаат да создадат безвременски модел кој ќе биде омилен модел на костим за капење на уште многу познати холивудски диви.

Објавено:
16 јули 2014
Категорија: 
Тренд