Бициклистички - навистина ви се допаѓат или ги носите бидејќи се тренд?

18 мај 2019

Ако сте растеле во 80-тите - 90-тите или најубавите години сте ги поминале токму тогаш, сигурни сме дека се сеќавате каква популарност имаа бициклистичките, посебно меѓу децата.

Тие шорцеви со ленти од страните во неонски нијанси, или пак металик бициклистички во некоја интензивна виолетова или сина нијанса, беа желба на секое дете. Оние малку постарите, ги носеа понекогаш, но не премногу често. Тие беа наменети за вежбање и за децата.

Денеска, бициклистичките имаат речиси идентичен изглед (без лентите од страна), но нивната модна употреба е рашиерена.

Ако судиме по она што го гледаме по модните писти, бициклистичките се совршен „пар“ со маици, сакоа, џемпери... 

Го гледате парчето на писта, потоа го гледате кај некоја ултра популарна ѕвезда или Инстаграм инфлуенсерка и потоа го гледате кај сите што сакаат да се во тренд.

Сигурни сме дека на повеќето и не им се допаднала веста дека овој тренд се враќа, но сугестијата може да биде многу силна. 

Бициклистичките можат да бидат супер модно освежување, за тие што знаат да си играат со модата, но не баш за секаде. Нив не можете да ги носите на работното место, колку и да ви е опуштено, ниту пак ќе се одлучите за нив за некоја свеченост (барем во Македонија).

Второ, за да носите вакво модно парче треба да имате супер нозе, затоа што во спротивно ќе ви се забележи секој можен недостаток, без разлика на тоа колку килограми имате. 

Ако размислиме подобро, бициклистичките се „скратена“ верзија на хеланките, кои почнаа да ги носат сите и уште полошо секаде, па парчето резервирано за вежбање, доби сосема нова димензија.

Како изглаат жените во нив, тоа е сосема друга тема.

На крајот се поставува прашањето, дали носиме облека затоа што ни се допаѓа или затоа што е тренд? Или затоа што ни се допаѓа и притоа е во тренд? 

Не може да се рече дека и едното и другото е погрешно, бидејќи секој треба да има право на изразување, па и преку стилот. Колку ќе се задржи и овој тренд - ќе биде ли нешто минливо или допрва ќе земе замав останува да видиме.

Некои ќе речат дека своевремено и панталоните претставувале „забрането“ парче за жените, па сега се доминантни во модната индустрија. Иако со тоа би се согласиле, би рекле дека бициклистичките ја немаат таа моќ, бидејќи пораката која ја пренесуваат не е  ни одблиску силна како таа што своевремено сакала да ја раскаже да речеме Коко Шанел. 

 

Објавено:
18 мај 2019
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
919 пати