Дрес код за летни свечености

7 јули 2014

Летото со себе ги носи боите, сонцето, плажите, палмите, коктелите, жештините, кратките фустанчиња, бикините... Не е воопшто лесно да се биде стилска летна икона. Изборот е преголем, а дилемите се секогаш присутни. Летото е период на веселби, свечености и свадби. Нормално е да се јават дилеми и недоумици во поглед на изборот на совршената креација. Има дами чија што главна цел е да импресионираат, а има и такви кои секогаш се фокусираат на едноставноста и удобноста. Сепак различните пригоди и настани налагаат и наметнуваат различни начини на облекување кои треба да ги почитуваме ако сакаме да бидеме вистински дами.

Инспирирани од одредбите за формална гардероба кои ги наметна Аскот 2014 ви презентираме неколку совети за тоа што е дозволено, а што не е дозволено да носите во лето.

Свеченост во град

Кога станува збор за свадбите, па и генерално за свечени манифестации сите имаме мислење дека нашиот аутфит треба да биде гламурозен и затоа припадничките на понежниот пол бираат луксузни креации, со кои ќе блескаат таа вечер. Меѓутоа модните експерти велат дека тоа не треба да биде така. Зошто? Свадбата или забавата секогаш не се одржува на отмено место, некои свечености  едноставно се случуваат на балкон или во двор, затоа треба да го имате во предвид и тој момент. Модните експерти советуваат да се одлучите за по малку андрогена варијанта на женски костум, кој ќе го комбинирате со некоја убава маичка, за кога ќе го соблечете сакото да оставите впечаток на вистински модерна и урбана модна икона. Од друга страна пак, женските костуми се мошне практични  и стилски, а и неверојатно удобни. Само помислете дека нема да мора цела вечер да пазите некој да не ви ја згазне тоалетата и ќе можете да уживате во музиката, виното и танцот под романтичното ѕвезденото небо.

Свеченост во природа

Без разлика за каква манифестација станува збор во денешно време мошне е актуелен трендот тоа да се случува надвор од градот во некое ултра модерно место кое дише во рустикален амбиент и цветна убавина. Кратките фустани во А-крој стегнати на половината се идеални за вакви забави. Макси фустаните со цветни принтови изработени од лесни материјали и тантела исто така одлично ќе се вклопат во селската идила. Нема да згрешите доколку се одлучите за комбинацијата на здолниште во А-крој и топ маичка. Изборот е ваш, најважно е да се чувствувате удобно во сопствената кожа.

Патување во друга земја

Најтешко ни паѓа кога ќе добиеме покана за свадба или забава која се случува надвор од нашата земја. Тоа значи резервација на авионски билети и пакување куфери како и многу поголема организација на се што ни е потребно. Сепак, собирањата за да се прослават убавите мигови во животот се вредни за секаква „жртва“.  За да не бидете во хаос и да се чувствувате спокојно во вашиот куфер понесете интересен макси или краток фустан со принт во свежи бои, рамни сандали, очила за сонце, ефективно парче накит и мала чантичка и спремни сте. Со изборот на свежи бои дефинитивно ќе внесете свежина на забавата каде сигурно сите ќе бидат облечени во монохроматски нијанси. Рамните сандали ви гарантираат удобност за нозете и после долгиот пат, а модните додатоци ќе му ќе направат да ги шармирате сите гости на забавата.

Објавено:
7 јули 2014
Категорија: 
Тренд