Инвестирајте во деловни парчиња

13 август 2014

Покрај сезонските трендови и минливите тенденции, секогаш постојат одредени парчиња облека и аксесоари кои ги надминуваат временските граници и се вредни во нив квалитетно да се инвестира.

Доколку животниот стил тоа ви го дозволува, рационално е да инвестирате во неколку деловни парчиња облека кои покрај на работното место, со мала адаптација може да ги комбинирате и за секојдневни поводи надвор од канцеларијата.

Секоја деловна жена ќе си го олесни изборот доколку поседува неколку миди фустани, капути со должина до или под колената и чанти со средна големина.

 

Миди фустани

Она што го дефинира незаменливиот „деловен“ фустан е безвременската силуета и должина која не е ни премногу кратка, ни премногу долга, изработен од пријатни материјали и финиширан со елегантни детали.

Таков тип на миди фустани не ретко може да видиме во колекциите на дизајнерите од калибарот на Каролина Херера, Џејсон Ву или Ралф Лорен и најчесто се во неутрални тонови, без принтови или гломазни додатоци. Се' е сведено на минимализам и елеганција. Корисно е тоа што токму нивната едноставност дозволува да се комбинираат со други парчиња облека во различни сезони и со различни поводи.

 

Капути со средна должина

Изборот на капут најчесто го дефинира и климатскиот амбиент на средината во која функционирате. Во деловниот свет, најпрактичен е изборот на капути со средна должина што подразбира до или под колената, односно капут кој истовремено би можеле да го носите и врз коктел фустан или комбиниран со секојдневна облека. Најчесто, ваквиот тип на капути се со изразени строги линии или со линии што благо ја следат  женската силуета.

Материјалот од кој се изработени треба да биде пријатен и топол, а боите исто како и кај миди фустаните, не излегуваат од пошироките рамки на неутралните тонови или црната, белата и сивата боја.

 

 Чанти

Кога сакате да инвестирате во безвременска чанта, која е флексибилна во однос на тоа дека може да ја носите и на работа и на неформални средби, треба да ги одбегнете т.н „ит“ чанти кои најчесто се моментална трендовска атракција и брзо им поминува актуелноста. Посигурна варијанта се класичните форми, дезени и бои кои многу поедноставно ќе ги комбинирате со вашиот деловен аутфит. Секако, пресудна е и големината на чантата која треба да ги собере сите неопходни предмети на една деловна жена.

 

 

 

Објавено:
13 август 2014
Категорија: 
Тренд