Капут во карамел нијанса- неодолив како и бонбоните

24 декември 2014

Особено сме среќни кога ќе го пронајдеме парчето чија практичност преминува од една до друга стилска варијација. Оваа есен-зима освен дизајнерите, диктат за ова парче постави  уличната мода и светските блогери. Станува збор за предимензионираниот капут во карамел нијанса и тоа онаа што ви е добро позната како синоним за тековната сезона. Ваквиот капут може да биде спас и клучен сегмент за комплетирање на дневниот и вечерен изглед. Бидејќи капутите се парче во кое навистина треба да се инвестира без двоумење, а ако се сложувате во истото ние ви предлагаме да се одлучите за овој модел.

 

Нема да погрешите во селекцијата пред се поради тоа што капут во карамел нијанса е безвременски и сигурно ќе го носите повеќе години. Иако можеби навидум ќе помислите дека карамел нијансата не толку лесно се комбинира, напротив дијапазонот на варијации со останатите бои е голем. Споен со други безвременски парчиња како: фармерки, салонки на висока потпетица, блузи и кошули во принт од пруги, вие секогаш ќе изгледате беспрекорно и софистицирано.

 

Ваквите капути се најчесто изработени во смирени линии од кројот, а би ве советувале доколку купувате и се двоумите меѓу неколку модели, да го изберете оној конструиран во најчистите линии. Практичен и впечатлив, тој е вистинскиот стилски избор за оваа зима!

 

Објавено:
24 декември 2014
Категорија: 
Тренд