Кои трендови ќе останат и во 2017 година?

16 декември 2016

Оваа 2016-та на изминување донесе голем број трендови од минатото. Со модерен контекст, оживеаја многу актуелни модни моменти од 1970-тите, 1980-тите и 1990-тите.

Дел од нив ќе се задржат и следната 2017-та година и нивното влијание ќе биде силно. Па, доколку ја пропуштивте можноста за некое актуелно парче годинава, имате време да се „поправите“.

А во продолжение ви презентираме кои се 10-те тренда што ќе суптилно ќе преминат во наредната година.

 

Ѕвонести ракави

И генерално, впечатливите ракави. Тие беа едни од најголемите трендови годинава. Ѕвонестите ракави и блузите со голи раменици и интересни ракави ќе ги гледаме почесто во уличната мода ширум светот, додека меѓу дизајнерите ќе доминираат нови форми, како на пример „спуштените“ ракави, ракави на врзување, отворени ракави и слично.

 

 Карнери и фалти

Уште еден доминантен тренд кој ќе продолжи посебно во сезона пролет-лето 2017, па веројатно и потоа. Но, она што ќе биде изненадување е што ќе ги вклучиме на некои неочекувани делови од облеката, или пак од нетипични комбинации на ткаенини. Ќе доминира играта на текстури и факторот на изненадување. Во контекст на тоа е и информацијата дека карнери ќе носиме и на модните додатоци – обувките, чантите...

 

Плисе

„Гучи“ направи вистинско лудило враќајќи ги плисираните здолништа во центарот на вниманието. Дури и во актуелнава сезона, веројатно сите бутици се преплавени со металик здолништа со плисе. Следната година ќе носиме и фустани, панталони, па дури и блузи со оваа техника. Плисето на многумина им е омилено бидејќи помага при издолжувањето на фигурата. Ако годинава инвестиравте во металик парче, ќе го искористите максимално и следните сезона-две, но ќе биде актуелен и трендот на плисирани парчиња во пастелни, нежни тонови.

 

Пижама одело

Ова можеби и не е најомилениот ваш тренд, но ќе продолжи да биде актуелен и во 2017 и тоа во полуксузна насока. Квалитетни сатени, кадифе, природни материјали ќе направат и да го засакате. Удобните форми и широките силуети ќе ги направат идеални за бројни комбинации, особено за оние што го негуваат лежерниот стил. Во кобминација со интересен принт, ќе биде вистински погодок.

 

Широки парчиња

2016 беше во знакот и на овој тренд, но ако оваа година носевме предимензионирани парчиња, дури и цели комбинации, следната година овој тренд ќе се насочи кон деталите. Во комбинација со екстравагантни украси, набори, врзувања, ќе дадат сосема нова дизмензија на вашиот изглед.

 

Беџови, апликации


А кога ги споменавме украсите, уште една убава вест особено за оние што ја сакаат еклектичноста и нетипичноста. Шаренилото ќе биде актуелно и во 2017 година и тоа пред сè во форма на беџови и апликации, копчиња, мониста или сè што ќе смислите за да го смените изгледот на вашата омилена џинс јакна, или фармерки, чанта и слично... Важно е да има многу боја.

 

„Slip“ фустани

Ролка и „слип“ фустан за оваа сезона, маица и „слип“ фустан за следната или само „слип“ фустан за некоја свеченост... Очигледно, ова ќе биде повторно едно од клучните парчиња за повеќе пригоди.

 

Беж палта

Беж е новата црна беше модната порака на годината. Така што, ако во 2016 го следевте овој тренд, тогаш сте подготвени и за следната. Беж, како и неутралните тонови, па и светлокафените ќе бидат доминантни и следната година, и тоа меѓу палтата и јакните најмногу.

 

Исечен/искинат џинс

Иако имаше многу поделени мислења околу овој тренд, сепак тој продолжува и следната година. Тие што го прифатија со задоволство веројатно ќе бидат среќни за оваа вест. За вас што и не ви е толку омилен, добрата вест е што не мора да ги испосечете сосема, доволно е џинсот да се реса малку на работ од ногавиците.

Објавено:
16 декември 2016
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
4.511 пати
Тагови: 
трендови 2016 2017