Лондон: Модната недела за мажи постави нови предизвици за следната зима

11 јануари 2014

Од 6-ти до 8-ми јануари,  во британската престолнина 130 светски модни брендови ги презентираа своите колекции за мажи за следната сезона есен-зима 2014/15. Во најавата за новите трендови се задржани дел од овогодинешните модни вибрации како црно-белите комбинации и предимензионираната облека, но од друга страна поставени се и нови предизвици како на пример враќањето на тесните панталони од периодот на Битлси.

Ја видовме мрачната страна на Александар Меквин во која доминираше црната боја, но и креативниот спој на различни стилови во последната колекција на македонскиот дизајнер Марјан Пејоски за етикетата KTZ, а Барбери се посвети на градот домаќин и својата колекција ја инспирираше од културната историја на Лондон.

Модел од колекцијата на Марјан Пејоски за етикетата KTZ

 

Најава за трендовите за мажи, есен-зима 2014/15:

 

Тесните панталони се враќаат на урбаните улици

Послениве неколку сезони, модата се предимензионираше. Вреќастите панталони беа во фокусот, но според најавите на Модната недела во Лондон, овој тренд го предава приоритетното место на својата спротивност-тесните панталони кои не асоцираат на периодот кога Битлси доминираа во градењето на музичкиот вкус на младите. Том Форд и Common со големо задоволство во своите нови колекции направија модна ретроспектива на тој период.

 

Еко тренд-зелена

Зелената боја ја видовме во повеќе колекции, во градација на различен тоналитет и во богати варијанти. Сепак, најзастапени беа потемните нијанси, кои лесно може да се комбинираат особено во зимскиот период, независно каков стил преферирате.

 

Екстра удобни шалови...

....кои дури потсетуваат на топли ќебиња. Изработени од пријатни материјали и во богати варијации на дезени. Вистински избор за студена зима. Особено беа нагласени во колекцијата на Барбери.

 

Црно-бела дихотономија

Ова е можеби најсигурната варијанта која опстојува со времето. Независно дали се работи за топла или зимска сезона, елеганцијата, чистината и сигурноста на црната со белата се приоритет.

 

Портокаловата е новата црна

Можеби невообичаено во машката мода за зимската сезона, но сосема оправдано. Топлината на портокаловата дава нова димензија. Некои од дизајнерите направија монохроматски слоевити комбинации, други ја споија интензивната портокалова со посветли земјени тонови... Успешно!

 

Огромни чанти

Жените во никој случај не се привилегирани. XXL чантите веќе се секојдневие за мажите. Во Лондон видовме богат избор на форми: некои наликуваа на патнички торби, други на куфери.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
11 јануари 2014
Категорија: 
Тренд