Симпатични фризури за убави школски денови на вашите принцези

2 септември 2013

Денес и официјално стартуваше школската година, за сите дечиња низ државава. Видно возбудени и родителите особено на онаа помлада група деца на кои денес им е прв училишен ден. Е сега „најголемата“ мака на сите родители беше како ќе изгледаат децата на првиот училишен час. Девојчињата особено имаат проблем со тоа кое фустанче, кои чевлички и каква фризура ќе носат во училиште. Епа мајки не само за денес туку генерално за цела година еве ви неколку идеи како на вашите принцези да им направите убави фризури.

 

 

Рибина Плетенка

Овој тип на плетенка е интересен начин да му ја соберете косата на вашето дете, а тоа да не биде стереотипно и класично. Направете и патец на страна или на средина и украсете со некоја шарена шнолка. Предноста е што вратчето на вашето дете нема да се поти, нема да паѓаат прамени од косата додека девојчето пишува или врши некоја друга школска активност, а ќе изгледа слатко и убаво.

 

 

Плетенка која служи како венче или лента за коса

Ова е уште еден пример како девојчиња да изгледаат како нивните омилени принцези. Соберете ја косата и сплетете ја во класична плетенка која потоа ќе ја замотате и  зацврстите околу главата на вашето дете со помош на метални црни шноли или мали штипчиња. Ќе изгледа како да има круна на главата. Можете додека ја плетете плетенката да вметнете и лента или неколку ленти во боја, кои дополнително ќе ја збогатат оваа фризура. Овој вид на фризура е мошне популарен кај Русинките и беше прогласена за една од најубавите и најпрактичните начини како без многу украсување и напор да имате беспрекорно уредна коса.

 

 

„Авантуристичка“ плетенка

Во контекст на претходниот пример, венче плетенката можете да ја направите и на малку поинаков начин. Наместо да ја соберете цела коса, можете долниот дел од темето па надолу да го оставите, а плетенката да ја сплетете само со горниот дел коса од главата, која почнува од челото. Делот позади кој останува можете да го соберете во коњско опавче на кое ќе додадете некоја лента, панделка или штосна шнолка, или ќе го оставите слободно да паѓа.

 

 

 

Еднострана француска плетенка

Доколку вашето дете има густа коса ова е одличен начин како совршено да му ја приберете и стокмите. Исчешлајте ја косата на една страна од главата и почнете да плетете внатрешна плетенка од почетокот на главата, така наместо право ќе плетете на страна се до крај. Откако ќе завршите украсете со некој стегач кој на себе има некој интересен детаљ.

 

 

Плетенка и пунџа

Оваа фризура можете да и ја направите на вашата ќерка кога на училиште имаат приредба или рецитал. Сплетете го горниот дел од челото па се до тилот во голема плетенка, значи не одите до крај со плетењето, туку само до тилот и зацврстете ја со ластик. Потоа останатата коса соберете ја во коњско опавче на тилот. Протнете низ коњското опавче чорап кој е вид на крофна и косата замотајте ја околу него со црни шноли. Потоа можете да измотате лента во боја која на долниот дел ќе завршува со панделка. Вашето девојче ќе изгледа како кукл

 

 

Лента околу глава

Мошне популарниот хипи стил повторно е во мода, а не мора да го носат само младите девојки, туку и вашите мали принцези. Одморете ја косата на вашето дете, барем кога одите на прошетки. Измијте ја, исчешлајте ја и околу главата или челото како сакате ставете му лента која има цвет или некоја друга форма на детаљ. Патецот може да биде настрана, а може и средина. Исто така можете на пуштената коса, наместо лента, од едната страна можете да сплетете една или две плетенки кои ќе поминуваат низ челото, а ќе бидат прицврстени на спротивната страна со црни шнолки, а потоа за да не се гледаат црните шноли ќе ги украсите со шнола или штипка и добивате слатка мала дама.

 

 

 

Балеринска пунџа

Нормално ниту еден туторијал не може да помине без фамозната балеринска пунџа. Не само што е практична и не одзема многу време, а детето ќе биде спастрено. Соберете ја косата на тилот со стегач, протнете ја „крофната“ или пак и не морате, можете сми да ја соберете косата во пунџа, додадете венче, лента, шнолка, направете патец на горниот дел или право соберете го делот од челото, не е важно. Вашата мала балерина ќе биде убава и среќна.

 

 

Фризура-Пипи долгиот чорап

Сите ја знаеме популарната Пипи која не плени со нејзините плетенки на патец. Епа истото можете да го направите и со вашето дете. Поделете ја косата на две секции, врзете ја едната па другата, можете да експериментирате во тој поглед, зависно од тоа дали сакате опавчињата да бидат горе или доле, потоа само плетете плетенка, која не мора да е класична може да биде и рибина, а може да оставите и косата слободно да паѓа, а може и да додавате ластики во боја низ должината на опавчето.

 

 

 

 

Ова се само неколку примери и начини како да бидете креативни со изгледот на вашите мали девојчиња. Погледнете ја галеријата и инспирирајте се за некоја нова фризура, со која ќе ја изненадите вашата мала принцеза.

 

 

 

 

Објавено:
2 септември 2013
Категорија: 
Тренд