Сивиот машки костим е полн погодок за оваа сезона!

25 февруари 2014

Оваа сезона мажите дефинитивно треба да инвестираат во сив костим! Тоа дефинитивно е парче за кое многумина велат дека никогаш нема да му помине модата, а мора да признаеме дека и изгледа одлично!

Костим во кој вреди да се инвестира и голема сума пари!

Ако досега црниот или темно синиот костим беа на пиедесталот класици во машките плакари, сега тоа е поинаку. Сивиот костим не само што е ултра модерен за сезонава, туку има и сериозни тенденции да стане вистинска класика кога станува збор за машките костими. Тој е на сосема добар пат да го земе местото од најпродаваниот, темно син костим со два или еден ред копчиња. Во зависност од вашите желби и бојата на кожата, доколку ја одберете било која нијанса на сиво, нема да погрешите. Секако, најголемо внимание треба да посветите на тоа костимот секогаш да е струкиран и добро да ви прилега, а за совршениот и беспрекорен крој воопшто и не треба да стане збор – тоа се подразбира! Без размислување, сезонава инветирајте добра сума на пари во сив костим бидејќи следните неколку години нема да морате да се одвоите од него.

Алтернатива на добриот стар, црн костим!

Доколку вашите татковци и дедовци навикнавте да ги гледате во црни костими како единствено важечки во минатото, сега е сосема поинаку. Од океанот бои и дезени на костими што станаа хит изминативе неколку сезони, еден како да се избори за првото место – сивиот! Секогаш кога ќе си помислите дека црниот костим е единствената добра варијанта за вашата или пак свадбата на вашиот пријател, размислете уште еднаш и обидете се од плакарот да го извадите сивиот и да го комбинирате со добри бои и дезени на кошула, вратоврска, марамче, чевли и ремен и да изгледате подеднакво секси како што беше случај и со црниот.

Како да го комбинирате?

Кога ќе се одлучите да носите сив костим, веднаш си помислувате дека немате толку голем избор на комбинации и бои кај додатоците како што тоа беше случај со црниот костим. Но, тука грешите! Погледнете како да го комбинирате и да изгледате одлично во секоја пригода.

Свадба: Бела кошула и впечатлива вратоврска со интересен дезен во комбинација со црни чевли и ремен е совршениот избор!

Погреб: Црна кошула, црни чевли и црна вратоврска.

Формални прилики: Свечена кошула во комбинација со пеперутка вратоврска ќе заврши одлична работа.

Секогаш кога и да го одберете овој костим, бидете сигурни дека ќе бидете забележани и ќе излезете од оној постојан изглед што го имавте со темните костими како штотуку да сте излегле од канцеларија.

На што да се концентрирате кога го купувате?

Кога купувате сив костим, треба да посветите внимание на две работи: да ви е точен и да ја одберете вистинската боја.

Одбирањето на бојата е лесно: Секогаш одберете потемна боја на костим доколку сте посериозна личност и доколку имате посветол тен. Темните нијанси на сива одлично ќе ви прилегаат и за секој состанок, но во нив ќе изгледате и супер елегантно кога ќе се појавите на некој свечен настан. Доколку сте спротивно на ова и имате нескротил младешки дух, костимот во светла сива боја е како измислен за вас.

Друго што е секако многу важно е тоа костимот да нема никакви дезени нанего. Чисто сивиот костим е она што секогаш треба да го одберете. Ако планирате да го носите барем неколку сезони, истиот мора да биде вистинска класика.

Што се однесува до големината, обидете се костимот секогаш да ви биде струкиран. Должината на ракавите на костимот нека дозволи ракавите на кошулата да „ѕиркаат“ малку, должината на палтото да биде на средината на задникот, а должината на панталоните малку нека ги покрива чевлите.

За крај, уште еднаш ќе ви посочиме дека доколку наскоро ве чекаат свечени прилики, задолжително набавете си еден сив костим без предрасуди. Ќе се изненадите од тоа колку тој добро ќе ви стои кога ќе ја пронајдете совршената нијанса. Парчињата од костимот можете да ги носите и одвоено, а нивните комбинации ги оставаме на вашата фантазија во која не се сомневаме!

Објавено:
25 февруари 2014
Категорија: 
Тренд