Современа реинтерпретација на стилот на Одри Хепберн

1 јули 2015

Додека ликовната галерија National Portrait Gallery во Лондон ја подготвува фамозната изложба „Одри Хепберн: Портрети на една икона“, закажана за 2 јули, ние правиме ретроспектива на стилот на една од најшик дамите на сите времиња и ве инспирираме како да го реинтерпретирате во вашиот современ изглед.

 

Минималистички и монохроматски

Во една сцена од филмот Funny Face, (1957) Одри Хепберн се појавува во еден минималистички изглед што вклучува црни класични панталони, црна рокла и бели чорапи. Ваквиот андроген имиџ веќе неколку сезони е еден од најактуелните на модните писти, и во зависност од дризајнерските визии, добива различни модификации.

 

 

 

Фустан со чисти линии и ремен околу половина

Женственоста и софистицираноста беа главен адут на модната икона. Во филмот Charade, (1963),  Одри  се појавува во елегантен жолт фустан со висока јака и ја нагласува половината со ремен.  Здолништата се синоним за нејзината елеганција, а класиката никогаш не го изгуби своето влијание – па оваа добитна комбинација е задолжителна во имиџот на современите дами.

 

 

Здолниште во А крој и кошула

Одри Хепберн ги популаризираше здолништата во А крој во педесеттите години кои се ултимативен тренд и во современата мода. Едно вакво романтично здолниште комбинирано со бела кошула се идеални за изгледот на деловните жени.

 

 

Безвременско тренч палто

Овозможува женствена линија, а е безвременска класика – тренч палто. Одри Хепберн била позната како една од големите обожавателки на ова модно парче кое низ времето не изгуби од својата актуелност. Може да го комбинирате со високи чизми над колена или такви до глужд, а доколку сакате да постигнете ретро ефект, комбинирајте со марама на главата и масивни очила за сонце.

 

 

 

Кокетл фустан

Романтичен, кокетен, и пред се синоним за можеби еден од најголемите филмски класици Breakfast at Tiffany's, (1961) – бел коктел фустан со миди должина. Одри Хепберн ја одигра улогата која ја направи незаборавна филмска и модна икона и ја одбележа нејзината кариера.

Објавено:
1 јули 2015
Категорија: 
Тренд