Сплетот на плетива ќе ја обвитка претстојната зима

30 септември 2014

Како никогаш до сега, дизајнерите во своите актуелни есенско-зимски колекции ја сплетоа својата креаторска фантазија во тотално удобни и топли плетива кои ќе ја одбележат оваа сезона.

Не дека во досегашните зимски, па и летни колекции не биле присутни плетенините, меѓутоа оваа сезона инвентивниот микс и модификацијата на плетивата во различни парчиња облека, достигнува кулминација.

Селин, Келвин Клајн, The Row

Покрај стандардните плетени модни додатоци како капи и шалови, плетивата се комбинирани во спој со други материјали како кожа, чоја, џинс па дури и со полесни, транспарентни ткаенини во варијанти на палта, чемпери, здолништа, капути, панталони, пелерини...

Во зимската колекција на Селин на пример, видовме различни варијанти на удобни плетени фустани со кратки ролки, Мајкл Корс правеше двојни комбинации на плетива со огромни шалови и исто така предимензионирани џемпери, Келвин Клајн понуди интересна варијанта на плетива во разнобојни пруги, а акцентот на плетенините особено беше ставен во колекцијата на брендот The Row на познатите близначки Олсен.

Се' во име на удобната и пријатнaта, топла зима.

 

 

 

 

Објавено:
30 септември 2014
Категорија: 
Тренд