Стилизирани и шик на работа и на 30+ степени

13 јуни 2019

Со своите 30+ степени, летото е секогаш предизвик како најсоодветно да се дотераме за на работа.

Тоа подразбира облека која ќе исполнува неколку критериуми: ќе биде пријатна за носење, изработена од материјали што ќе ѝ дозволат на кожата да дише, ќе соодветствува на нашиот веќе изграден деловен имиџ, но и на работната функција што ја обавуваме...

Според тоа, она на што треба да посветиме најмногу внимание кога бираме облека за нашите деловни комбинации, особено за време на летниот период, е изборот на материјали. Секогаш кога имате можност, се разбира приоритет се природните материјали.

Вообичаено во лето пастелните и нежните песочни тонови, се доминантни во палетата на бои, но тоа апсолутно не го исклучува изборот на поинтензивни нијанси, доколку се вашиот избор што соодветно ќе се имплементира во деловниот аутфит.

Дури и во посмирени комбинации, во кои акцентот е на пастелните бои, може да додадете еден детаљ или моден додаток што ќе биде во моќна боја и ќе му даде печат на изгледот. Може да одберете марама, чанта или пак чевли во изразена портокалова, виолетова, зелена, црвена боја...

Во однос на кроевите, модните тенденции ни се во прилог, затоа што и оваа сезона фокусот е на полежерните линии. Таквите кроеви ви овозможуваат лесно движење, а со тоа и пријатно чувство во сопствената кожа, што е од особено значање во текот на работниот ден.

Објавено:
13 јуни 2019
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
4.906 пати