Топ пет стајлинзи од четвртата вечер на FWSK

27 октомври 2014

Мисијата да ги пронајдеме едни од најдобрите стајлинзи меѓу публиката на модниот викенд продолжи. Освен тоа што програмата вчеравечер  понуди богата содржина на ревии, како на домашни така и на дизајнери од регионот, богат беше и изборот на стајлинзите од присутните. Како и изминатите вечери, така и минатата,  ги селектиравме најдобрите пет.  Во поглед на различниот моден сензибилитет, комбинациите градираа во две крајности, од класични и елегантни, до урбани, трендовски и храбри.

Стајлинг бр. 1

Класиката никогаш не излегува од мода. Таквите комбинации се секогаш впечатливи и елегантни. Сара Шабани, која присуствуваше на неколку ревии вели дека практикува да негува класичен стил. Таа се одлучила за монохроматска игра на црно – бели тонови, украсени со масивен и впечатлив накит. Шабани изјави дека црните елегантни панталони со макси ногавици и белото сако се модели на Зара, додека накитот е од шведската етикета H&M. Таа додаде дека  обожава да носи впечатливи парчиња накит, бидејќи така комбинациите  секогаш се ефектни и создаваат  совршен баланс и контраст на целиот естетски израз.

Стајлинг бр. 2

Ако помисливте дека само девојките  ја имаат честа да брилираат на Модниот викенд, грешите. Третиот ден беше тотално во знакот на момците, но и вчеравечер не можевме, а да не ја забележиме успешноста од  комбинирање модерни парчиња и од страна на посилниот пол. Александар Србиновски не доаѓа често на Моден викенд, но ако има добро друштво знае да направи отстапка. Изминатата ноќ тој успеал на креативен начин да ги спои парчињата облека потпишани до Jack and Johns и Бицијани. Тој направил спој на сини панталони, сако во беж нијанса, кошула со дезен на риги и вратоврска „пеперутка“ со специфичен принт. Шамивчето поставено од левата страна на сакото како детаљ и дава шармантна завршница на целата визија.

Стајлинг бр. 3

Анастасија Додовска, исто така беше дел од армијата гости кои дојдоа да ги проследат  модните  претставувања на дизајнерите. Девојката презентираше шик – урбана комбинација која претставуваше мозаик од панталони во цигара крој со принт на весели колоритни преливи, тантелна маичка во бела боја и  впечатлив капут во црно - зелен колор блок. Црните потпетици му даваат по малку елегантна и моќна нота на целиот изглед. Тодовска ни откри дека ниту едно од парчињата кои ги комбинирала не е брендирано, а најдобро се чувствува кога носи кежуал парчиња надополнети со шик- детали.

Сталинг бр. 4

Мартина Блажевска се  одлучила трендовската топ маичка во пепито принт,  да ја спои со молив здолниште со висок струк, мат црни хулахопки, капут во колор блок од црно-беж, чевли го глужд со суптилен  пепито принт, кој пак ' се надополнува со краткиот топ. Малата  клач чанта во портокалова и розова нијанса во конкретниот случај има улога да го разбие спојот и да им контрира на потемните нијанси. Мартина  вели дека пресуден фактор за да се облече вака,  бил фактот дека црно – белите тонови се секогаш сигурен и модерен избор, а за да ја разбие монотонијата на целосната комбинација, одлучила да вметне темно црвено.

Стајлинг бр. 5

Меѓу гостинките го селектиравме и стајлингот на Ангела Стефановска. Таа за Fashionel.mk  вели  дека не доаѓа прв пат на Модниот викенд, го сака урбаниот стил, а вчеравечер  носеше комбинација потпишана од стилистката Цаци Паковска. Станува збор за црвен коктел фустан со смирени линии од кројот, кој во долниот дел има асиметричен карнер. Врз истиот Ангела го споила  предимензионираниот  капут во пастелна нијанса,  кој го збогатила со специфичен брош и златен ѓердан.

Објавено:
27 октомври 2014
Категорија: 
Тренд