Везови, војнички стил и интензивен колорит од ресорт колекциите за 2015

28 јуни 2014

Светската модна индустрија на големо ги промовира ресорт колекциите на модните етикети за 2015, а пресекот од сите нив се сведува на неколку влијателни тенденции. Интересно е што се забележува повторно враќање на некои трендови кои беа актуелни пред неколку сезони, секако во нивна модифицирана варијанта. Класичната двојна комбинација од црно и бело е неизбежна, а миксот на неонски бои останува омилена креативна игра на дизајнерите.

 

Јаки бои за вечерен изглед

Во ресорт линиите на повеќе дизајнери и модни куќи забележавме приоритет на интензивните бои комбинирани во вечерни варијанти. Мини здолништа во силна жолта боја или тоалети во јаки нијанси на розова... Можеби ова не е изненадување за Версаче, меѓутоа не е и толку очекувано во стандардниот профил на некои други модни куќи. Ердем и Џамбатиста Вали предложија коктел забава во мини фустани во неонски колорит.

 

Војнички стил

Милитари изгледот постојано доживува нов камбек во различни периоди од годината и модифициран во инспиративни варијанти: од чевли преку аксесоари до парчиња облека. И покрај тоа што делува „строго“ и машки, дизајнерите во своите ресорт колекции и дадоа една елегантна, женствена насока на оваа тенденција истовремено делувајќи моќно, доминантно, а сепак елегантно. Валентино ја нагласи женствената нота на војничката јакна, додека Suno направи секси отвор на грбот од зенелиот војнички фустан.

 

Повторно пеплум 

И покрај тоа што пеплум формите веќе одреден период се форсираат во континуитет, па дури можеби и претерано, сепак за следната сезона разликата е во изборот на материјали и во драстичното зголемување на волуменот. Ако до сега преку ваквата конструкција се нагласуваше половината, сега фокуст е на самата форма која е повеќе пати зголемена од стандардната.

 

Богати везови

Карактеристични за колекциите на Валентино, следната сезона везовите се имплементираат малку пошироко, доволно широко да прераснат во тенденција. Фасцинантните везени апликации кои дополнително ја облагородуваат облеката, варираат од такви кои комбинирани во едноставни дневни варијанти со џинс како во колекцијата на Кристофер Кејн, до елегантни тоалети со богати везови на транспарентна основа како кај Валентино.

Колор палета од пруги

Визуелно издолжените силуети со риги во богат колорит се најавуваат како една од омилените тенденции за следната сезона. Боите на виножитото ќе се разлеваат низ вашиот плакар: од омилениот фустан на прерамки до широките панталони со висок струк. Барем така викаат Дерек Лам и Антонио Марас.

 

 

Објавено:
28 јуни 2014
Категорија: 
Тренд