Зимска инспирација за вашиот деловен стил

23 јануари 2018

Секогаш е добредојдено повремено да имплементираме нови и свежи идеи во нашиот деловен стил. Така никогаш нема да се доведеме во ситуација на „сива монотонија" и досаден бизнис изглед.

Секако, приоритетот е на деловниот дрес код (се разбира ако постои пропишан дрес код на работното место), а во ситуација кога нема дефинирани правила на деловен изглед, тогаш од суштинско значење е да ја почитуваме деловната етика и да внимаваме на неколку „непишани", есенцијални правила.

Во овој период од годината, предност е што може секогаш да ги имаме во предвид слоевитите комбинации што ни отвораат големи можности за комбинирање на различни парчиња облека.

Во таков случај, едно исто парче облека од вашиот деловен гардеробер, на пример белата кошула, може да ја вметнете во неколку различни слоевити комбинации со што секогаш ќе имате „нов" аутфит.

Доколку вашиот индивидуален имиџ е препознатлив по колоритот, тогаш охрабрете се и во вашиот деловен стил дозирано да ги пренесете боите, на пример во впечатливи колор блок комбинации од две или три бои.
Не заборавајте дека модните додатоци го даваат главниот акцент. Удобни чевли, квалитетна чанта или марама со интересен принт секогаш може да придонесат за комплетна естетска слика.

Фото извор: Пинтерест, Инстаграм

 

Објавено:
23 јануари 2018
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
1.871 пати