Боите што најчесто ќе ги носиме годинава

5 февруари 2018

Оваа година е во знакот на интензивните и храбри бои. Секако, црната, белата и неутралните тонови константно се присутни и секогаш актуелни, но ако се земат во предвид дизајнерски колекции и стилот во уличната мода, акцентот е на јаките и изразени нијанси.

Доколку не сте љубител на интензивниот колорит, тогаш може да ги имплементирате само преку детали или модни додатоци со што ќе го освежите изгледот, но ако сте отворени за колоритен предизвик, тогаш имате голем избор на располагање.

Ви ги посочуваме петте бои што ќе доминираат во 2018-та година:

Портокалова
Актуелноста на интензивната портокалова боја од минатата година, се задржува и оваа. Ќе биде присутна кај модните додатоци како чевли, чанти и накит, но исто така во портокалово ќе бидат обоени и романтичните летни фустани, класичните панталони, мантилите и капутите.

Жолта
Иако нагласената жолта боја не е чест избор во женскиот гардеробер, еден позитивен аспект е што оваа боја одговара речиси на сечиј тен. Затоа, препорачуваме оваа боја да ја комбинирате со неутрални или суптилни тонови.

Лаванда
Со оглед на тоа дека виолетовата според институтот „Пантон" е прогласена за боја на годината, актуелна ќе биде и нејзината нијанса, бојата на лаванда. Идеално се вклопува и во нежни и романтични – летни, и во урбани и топли – зимски комбинации.

Неутрални тонови
Земјените тонови со различен интензитет се секогаш одлична алтернатива во комбинирањето со интензивните бои. Тие придонесуваат за баланс во комплетниот визуелен изглед и затоа се неизбежни во секоја сезона.

Розова
Јака розова боја ќе внесе разиграност и свежина во вашиот стајлинг. Доколку оваа боја е меѓу вашите омилени, тогаш годинава тенденциите се на ваша страна и ќе ви обезбедат голем избор на облека и модни додатоци во розово.

Фото извор: Пинтерест

 

Објавено:
5 февруари 2018
Категорија: 
Тренд
Прочитано:
1.997 пати
Тагови: 
тренд стил бои 2018