Булимија – мојата најмрачна тајна која ја криев од самата себе!

10 октомври 2018

Родители, дали сте доволно информирани за секојдневието на вашите деца, со какви проблеми тие се соочуваат и како тоа ќе влијае на понатамошниот развој на нивниот живот? Тинејџери, дали знаете да препознаете ако некој од вашите врсници, најдобар другар, па и вие самите, сте заглавени во лавиринт прeдизвикан од болест која и покрај тоа што живееме во современо општество, сè уште е табу тема, а токму премолчувањето ги продлабочува корените на проблемот. Булимија е „тренд" за кој никој не зборува, а во своите канџи ги има заглавено животите на многу млади луѓе.

Своето хорор искуство со потенцијално животозагрозувачката болест, до срж искрено ни го пренесе една од нашите читателки, која инсистираше да остане анонимна. Нејзиниот идентитет ѝ е познат на нашата редакција, но не го објавуваме поради почитување на правото на приватност.

Ви ја пренесуваме нејзината брутално реална и искрена приказна, со апел да се зголеми свесноста за болеста пред која не смееме да замижуваме ниту како индивидуи, ниту како загрозени, како родители, како пријатели, како институции и како општество...

 

Булимија – мојата најмрачна тајна која ја криев од самата себе!

„Живееме во време во кое насловните страни и инстаграм ѕвездите си поигруваат со психата на младите девојчиња.

Мојата приказна почна на 16 години кога сонот на малото девојче почна да станува реалност. Со поддршка на моите родители, кои го сакаа најдоброто за мене, влегов во светот на манекенството, води во кои не можев да пливам.

На почетокот сè изгледаше совршено. Сликање, ревии, по некое патување, дружење... Се додека моето тело не почна да се менува, што е сосема нормално за возраста во која бев. Моментот кој ми ги промени тинејџерските денови и воопшто животот, беше кога после една ревија ми пријде еден од претпоставените и ми се обрати со зборовите: Погледни се! Си се направила како крава.

Дали може да замислите што во тој момент се случува со психата на едно 16-годишно, емотивно несозреано дете? Ќе ви одговорам – хаос!

Почнав да истражувам. Сакав да пронајдам начин да го скротам своето тело кое упорно од мене сакаше да направи крупна, здрава девојка, која нема да се вклопи во тој калап на премали димензии.
Почнав со најразлични диети, прескокнував оброци, лаксативи и гладување, за на крај да дојдам до, за мене тогаш, идеално решение. Почнав да повраќам...

Можев да јадам сè, кога сакав и колку сакав, за после да се ослободам од „злото" кое сакаше да ми ги врати килограмите.

Одреден период функционирав нормално, се додека не се соочив со првите здравствени проблеми. Губење месечен циклус, вртоглавици, проблеми со кожата...

Кога се освестив веќе беше предоцна. Булимијата веќе толку цврсто ме имаше „зграпчено", што не можев само туку-така да прекинам свесно да се самоуништувам.

Речиси секојднево јадев голема количина нездрава храна со цел да ги задоволам своите апетити, за веднаш потоа да влезам во тоалет и да повратам.

Со тоа чувствував олеснување и бев сигурна дека нема да имам вишок килограми.
Како поминуваше времето, психичката состојба ми стануваше се полоша. Станав личност без самодоверба. Кога ќе се погледнев во огледало, кое најчесто го одбегнував, постојано гледав дебело, одвратно тело кое го мразев од дното на душата.

Кога излегував на улица имав чувство дека сите гледаат во мене и безгласно ми викаат: Дебела си! Погледни се!

Чувството на срам и немоќ да го споделам својот проблем, дополнително ме уништуваше. Секојдневно си ветував сама на себе дека ова е последен пат и дека од утре ќе престанам да повраќам. Но, веќе го имав изгубено односот со храната и со години не можев да седнам на маса, без притоа да не чувствувам огромна грижа на совест за тоа што сум го изела.

Постепено како што растев и созревав, станував свесна дека доколку не престанам со тој начин на живот, еден ден може да биде многу доцна за да се направи нешто... Со огромна волја и работа на себе, сама успеав да дојдам до една стабилна состојба.

Денес имам 24 години и со гордост можам да кажам дека сум над проблемот и дека успевам да одржам баланс и здрав однос со храната.

Да! Овој проблем ме направи појака личност, но би дала се да можев да не поминував низ тој пекол сите овие години.

Чувствувам огромна одговорност и потреба, да упатам апел до родителите на тинејџерите...

Доколку вашите ќерки не се природно доволно „слаби" за да може да се вклопат во денешните стандарди за убавина, не им дозволувајте да поминуваат низ тој пат. Научете ги да се сакаат такви какви што Бог ги создал.

Јас имав среќа! За некого може да биде предоцна“...

 

Фото извор: psicologia-online.com, Getty images

Објавено:
10 октомври 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
756 пати