Две гламурозни фризури во стилот на „Големиот Гетсби“ за забавите што ве очекуваат!

27 август 2014

Веќе многупати пишувавме и говоревме за влијанието што „Големиот Гетсби“ го имаше врз модната индустрија откако се случи и неговиот римејк, а сега е вистинското време и за фризура во тој стил.

Во сезоната на летни свадби и забави, сите девојки сакаат удобна фризура што нема да им пречи во текот на денот, а со која дефинитивно ќе се истакнат од толпата.

Нашиот прв предлог за денеска е лажната боб фризура во стилот на дамите на Гетсби, украсена со пердув или светкава лента поставена на челото.

Истата ќе ви одземе многу малку време за подготвување, а во комбинација со фустанот со реси што го одбравте за следната свадба, без сомневање ќе бидете најзабележителната девојка на забавата.

За да ја направите оваа фризура, ќе ви бидат потребни повеќе црни шнолички, лента за коса, лак и секако, малку време! Горниот дел од косата соберете го во репче или зацврстете го со шнола, додека го подготвувате долниот дел од косата. Сплетете две плетенки посебно и потоа спојте ги во една која подоцна ќе ја врзете во пунџа со која ќе добиете волумен во задниот дел.

 

Веднаш потоа, нежно спуштете го горниот дел и дел по дел прикачете го одоздола со шнола со што ќе добиете лажен, лежерен боб! Додајте неколку шнолички од страната и подготвени сте да ги изненадите сите со вашата „нова“ фризура!

Вториот предлог е сличен на првиот со малку повеќе гламур! Асиметрично поделете ја косата на два дела и првиот прицврстете го со шноли. На средината, поставете ја светкавата лента или било кој моден додаток што ќе ви соодветствува со изгледот.

Внимателно, почнете со шноли да прицврстувате дел по дел од косата што ви остана, откако претходно малку ќе ја истапирате и ќе ја попрскате со лак за коса. На крајот, ќе добиете гламурозна боб фризура во стилот на дамите од „Големиот Гетсби“ која совршено ќе се вклопи во вашата свечена забава!

Објавено:
27 август 2014
Категорија: 
Убавина