Elena Luka Hair and Makeup studio ни ги посочува пролетните мејкап трендови

27 април 2018

Независно од актуелните мејкап тенденции, есенцијално и безвременско правило кое важи за основа на свежиот изглед е континуираната и соодветна нега на лицето и кожата – ова е првиот совет што го добивме во реномираното и добро познато фризерско и мејкап студио кое веќе 5 години функционира во рамките на нашиот моден бренд Елена Лука.

Посетата на студиото за убавина, во кое нè пречека исклучително пријатен и топол амбиент, ја искористивме да поразговараме со професионалниот тим, што во пресрет на матурските забави, ни посочи кои се актуелни мејкап трендови во однос на матурскиот изглед, но и воопшто за сите актуелности во светот на убавината за оваа пролет-лето сезона.

-Најзначајно е матурантките да го задржат својот младешки и природен изглед, а со професионален и соодветен мејкап само треба тоа да се потенцира. Премногу нагласена и нападна шминка не е во корист на нивната младост и природна убавина. Но, соодветната нега на лицето и кожата никогаш не треба да ги исклучат од својата секојдневна хигиенска рутина, а тоа е правило кое важи за сите независно од возраста, потенцираат од Елена Лука.

Со оглед на тоа дека студиото за убавина е во рамките на ателјето на Елена Лука, неизбежно беше да прашаме колку е значајна релацијата помеѓу облеката и шминката.

-Секогаш, без исклучок, мора да се земе во предвид односот облека-шминка. За еден комплетен изглед секој детаљ е значаен, а шминката има голем удел во комплетната слика. Кројот, боите, дезените и естетиката на облеката диктира во кој правец ќе биде насочена и шминката. На пример, доколку е во прашање дизајн со футуристички предзнак, тогаш играта со шминка отвара поширок хоризонт за експериментирање.

Секоја пролетна сезона се наметнуваат нови мејкап тенденции, а со оглед на тоа дека нашиот фокус во разговорот се матурантите, побаравме од тимот на Elena Luka Hair and Makeup studio да ни издвојат три мејкап трендови што соодветно може да се имплементираат во матурскиот изглед.

-За да се добие совршен резултат, многу е значајно да се одбере тип на мејкап што е соодветен на самата структура на кожата на лицето, формата и цртите. Секако многу е значајна и фризурата која треба да биде во сооднос на шминката. Но, неколку актуелни тенденции важат за универзални и лесно може да се прилагодат:

„Natural look" – мејкап во кој се користи неутрална палета на тонови и се потенцира природниот изглед

 

Нагласени усни со колоритен кармин – оваа пролет во мејкап трендовите се забележува богат колорит.

Една варијанта е нагласени усни со кармин во впечатлива боја, а другата варијанта се сенките за очи во интензивни бои, но за сметка на тоа неутрални усни во некоја посмирена нијанса.

 

Класичен и безвременски мејкап – нагласени црвени усни и прецизно нанесени ајлајнер и маскара на очите

 

 

Објавено:
27 април 2018
Категорија: 
Убавина
Прочитано:
972 пати